Веќе оддамна не гледам достоинство во однесувањето на власта. Гледам срамно предавство на идеалите на нацијата во надворешната политика. Очигледно, оваа власт нема агенда за достоинство во односите со другите држави
„Очекувам во идниот период Бугарија да продолжи да биде искрен пријател на Република Северна Македонија. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи“. И тука да нема дилема, ќе изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Заев верува, очекува и се надева, а за разлика од него бугарскиот министер за одбрана Краснимир Каракачанов не очекува туку условува: или решение за историските прашања или блокада на преговорите на Скопје со Брисел.
Ова е нашата тажна приказна како го загубивме националното достоинство на патот кон ЕУ: лажна супериорност за по дома и вистинска инфериорност за по надвор. Вистината е дека веќе подолго време никој не нè сфаќа сериозно. Не нѐ сфаќаат сериозно затоа што не нè почитуваат. И со тоа треба да се соочиме: во „нашата земја“, веќе предолго имаме владејачка квазирурална елита со личен, образовен, интелектуален и политички комплекс на инфериорност. Надворешната политика само го отсликува она што е видливо за оваа власт со години. Нејзината инфериорност. Затоа, ако не ви се допаѓа сликата што ја гледате во огледалото, не обвинувајте го огледалото. Обвинувајте ги инфериорноста и подаништвото на нашите политичари во односите со нашите соседи и ЕУ.
„Нашата земја“, како што ја нарекува власта, стана земја без глас што требаше да биде чуен и низ кој требаше да го артикулираме нашето мислење при носење на крупните одлуки во надворешната политика. Наместо да ја преземеме улогата на протагонист, се претворивме во арлекин на меѓународната сцена. Станавме циркуска точка, поточно евтина забава за нашите соседи, кои поради нашето медиокритетство и инфериорност нѐ манипулираат и контролираат, онака како што мечката се поклонува на јадицата на носот и се покорува на наредбите на својот господар да застане на задните нозе. Што би рекле Турците: да се стави јадица на нос и да се танцува. Ние танцуваме како што другите ни свират.
Колку треба да си наивен и неук за да поверуваш дека македонското опкружување со четирите волци како синоним за нашата позиција во регионот ќе исчезне со нашиот (не)најавен влез во Европската Унија. Зарем можеше некој да поверува дека политиката на добрососедство во регионов ќе креира „прстен на пријатели“ на Македонија, наместо досегашниот „огнен прстен“ од соседи. Кога надворешната политика ќе ја сведеш на коленичење и аминување на одвратно лош англиски, „политички стабилното соседство“ поблиску до границите на ЕУ го плаќаме со обезличување на државата по желба на нашите соседи. Да градиш пријателство и добрососедство во историски затруено турбулентно опкружување без да се разбере играта на интересите во Европа и регионов е преамбициозен проект за оваа власт. Особено ако знаеш дека европската соседска политика не успеа да го постигне она за што беше предвидена, дека ја карактеризира некохерентност и условеност на потребата за „политички стабилно соседство“ и е фијаско на надворешната политика на ЕУ.
Размислувањето дека Европската Унија ќе изгради „прстен на пријатели“ на Балканот се засноваше на претпоставката дека државите на европските граници би сакале, со текот на времето, да станат повеќе како Европа. Наместо да ни понуди идно членство во ЕУ како главен „морков“ за реформите, ЕУ ни понуди добрососедство, кое од ефикасен инструмент за дифузија на заедничките ЕУ вредности и норми се претвори во средство за уцени и понижување. Со држави во нашето опкружување што посакуваат да не постоиме, а не пак да станеме членка на ЕУ, станува јасно дека оваа иницијатива на ЕУ очигледно нема да успее да ја исполни својата главна цел за градење постабилно и демократско соседство на Балканот. Од премногу историја во регионов ниту станавме, ниту ќе станеме Европа.
Велат дека понижувањето во надворешната политика може да се трансформира од депресивна сила во позитивен стимулатор во конструирањето нов и модерен национален идентитет. Ниту Македонија ќе се издигне како феникс од пепелта на страдањата во историјата и длабокиот очај во кој е западната, ниту одејќи на патот кон ЕУ ќе се препороди како горда нација во семејството на европските народи. Сигурно не со оваа власт. Напротив, колку подлабоко газиме толку повеќе тонеме и исчезнуваме како нација на патот кон ЕУ, без сопствена историја, национална идентификација и можност за афирмација на својот национален суверенитет. Понижени и уценети си ги урнисавме самопочитта како нација и чувството за достоинство.
А токму достоинството инспирира доверба и восхит. Срамното однесување го поткопува кредибилитетот и инспирира одвратност. Веќе одамна не гледам достоинство во однесувањето на власта. Гледам срамно предавство на идеалите на нацијата во надворешната политика. Очигледно, оваа власт нема агенда за достоинство во односите со другите држави. Со изгубено достоинство и понижена нација не гледам како ќе го изодиме патот кон ЕУ. Исправени сигурно не. Затоа продолжите да ползите.