Помирување или покорување на злото

1079

Македонија има сериозен проблем. Тоа ни го соопшти премиерот на „неговата држава“, повикувајќи на формирање влада за национален спас. Време било да се залечат отворените рани од скорашното минато и реално да се почне граѓанското помирување, затоа што сме немале резервна татковина. За себе знам дека немам, за него не сум сигурен. Сето ова ми личи на повик на очајник што не може да ги запре понатамошните поделби во државата, кога веќе успеа да ги продлабочи до непомирливи размери. Со каква леснотија мисли дека низ неколку збора лишени од вистинската содржина ќе ги закопа болното минато и злото што неговите политики им го нанесоа на граѓаните и ќе ја заборавиме сатанизацијата на сѐ што мисли и дејствува поинаку од неговата поставена поданичка политичка агенда. Зарем веќе не останаа живи луѓе за јадење? Зарем некој сѐ уште верува дека низ помирувањето ќе може да се закопа болното минато на националните предавства и ќе можеме да се фокусираме на просперитетна иднина? Да простиме за да создадеме нов начин на паметење и нов начин на размислување за она што се случило и што допрва треба да се случи. Очигледна е желбата да се дизајнира ново општество во сега веќе „својата новоосвоена татковина“. Онаа негова, нивна, никогаш наша.

Се помируваме за да можеме да заборавиме или се помируваме за да простиме, но не и да заборавиме. Зашто без меморија нема заздравување. Очигледно повикот за помирување е во чекор со силите на глобализацијата, која поимите на помирување и заборавање ги актуализира во нов моден тренд и неочекуван нов императив на геополитиката. Затоа помирувањето на кое се повикува не е само да избереме да простуваме туку да направиме чекор понатаму и да почнеме повторно да му веруваме некому. И тоа не кому било, туку на оние што го генерираа злото во оваа држава. Да се помириме и да веруваме дека нема повторно да ни наштетат, да веруваме дека се способни да го одржат својот збор. Откако го прекршија безброј пати. Ова честопати е тешка, да не кажам неостварлива одлука. За среќа, не секогаш е нужно и паметно да простуваме. Понекогаш во животот учиме дека одредени луѓе се токсични за нас. Без разлика дали и колку се навредливи, постојано нечесни, не можат да ги исполнат своите ветувања, манипулативни, или едноставно не се способни да го сакаат својот народ како што заслужува да биде сакан. Понекогаш најдобро е да поставиме силна граница со нив за да се заштитиме. За да ја намалиме штетата што им ја предизвикуваат на државата и на својот народ.
За помирувањето е потребна вистина или правда. Она што намерно го заборавија на патот на градење демократско општество, оставајќи го фрактурирано од длабоките историски поделби и продолжувањето на влијанието на историската неправда врз политички угнетените и маргинализирани.

Помирувањето можеби можеше да помогне на почетокот да се санираат болните сеќавања предизвикани од отсуството на доверба меѓу државата и луѓето, кога институциите и поединците требаше да ја признаат нивната улога во минатите злосторства, а жртвите и сторителите требаше да соберат храброст да се соочат со вистината. Тоа требаше да биде процес преку кој општеството можеше да премине од поделено минато во заедничка иднина. Процес што никогаш не се случи во Македонија. И не гледам дека ќе се случи во иднина. Зашто долгот кон жртвите ниту е исплатен ниту може да биде заборавен.
Затоа во Македонија помирувањето не е можно. Затоа повикот за помирување е само празна желба вербално да се испере совеста, разјадена од злото што било генерирано во општеството. Да се помириме е застрашувачки концепт за жртвите на политичкиот прогон. Зашто почнуваме да мислиме дека ако простиме, го оправдуваме она што го сторија, дека го охрабруваме злото на тој начин. Тоа значи да најдете изговори, или да се преправате дека нешто и не било толку лошо како што било. Нема изговор што ќе може да ве оправда што сте одбрале да се пазарите со злото. Оваа власт сака да верува дека сме толерантни кога повикува на помирување, но злото, по дефиниција, не може и не смее да се толерира. Нема чесни компромиси со злото. Одбивајќи да се помириме, не се бориме против злото со зло.

Но се бориме со политиката против политиката на злото. Која некој сака да биде заборавена и амнестирана.
Во изминатите триесет години, измачувани од длабоко нефункционалната демократија и обидот да се избрише злото на политиката од нашата колективна меморија, заборавивме како беше да се живее нормално, постојано под присила на власта. Денес, повеќе од порано, сфаќаме дека нашите слободи не смееме да ги земаме здраво за готово. Ако однапред се покориме на злото, помирувајќи се со него, ако ги затвориме очите пред него, правиме поголемо зло. Затоа, вистина и правда пред помирување. Ако уште некој воопшто верува дека е тоа можно со џелатот и неговите наследници.