Предизборен молк во Македонија. Молк и во Северџанистан. Останаа 99,99% од планетава за да напишам колумна. И наеднаш се чувствувам тесно. Па што е светот во споредба со ова наше парче земја? Празен цеп. Женска чанта во која нема ништо мистично. Форма без суштина. На пример, сите преостанати држави во светот имаат свој национален идентитет. Зарем е тоа оригинално? Кога сите го имаат? Затоа ние го бетониравме. Онака мафијашки. Му свирнавме купшум во тилот, па го фрливме во бетон.
И сега сме сосема испразнет џеб. Женска чанта во која нема ништо, а камоли мистично. Немаме ниту форма, ниту суштина. Ама чекаме да ни дојдат 2.000 американски војници. И што да прави човек со 2.000 американски војници? Да се радува, нормално. Секогаш може нешто да се научи од американски војници. На пример, како да се справиш со терористи. Американците се тепаат со нив долго. Може да ни го посочат примерот со ИСИС, кој никна од земја како печурка или дојде од небо со метеор. Ова уште не е расчистено. Како и да е, тие се тепаа со нив. Долго време. Исцрпувачка војна. Директни преноси. Ракети земја-воздух-земја меѓу две реклами. Презентери на вести во екстаза. Имаат и коалиција. Во војна која трае долго. Заради жилавиот и опасен ИСИС. Кој беше збришан од боиштата кога на Русија ѝ пукна филмот од тој здодевен американски театар, па му се вдаде на Калифатот и го измеша со пустинската прашина. И така Американците го победија ИСИС.
Изгледа Сорос запре со грантови. И УСАИД исто. Ќе се најде ли некој да им фрли грант на шарените револуционерчиња? Зарем нема некое проектче за нашата интелектуална бижутерија? Па ни замре граЏанството, луѓенца. Ќе се најде ли јунак да даде некој долар за лажната авангарда? Оти онемеа, бре луѓе. Најгласните, најправедните, најубавите, никаде ги нема. А зарем нив правдољубивоста не им блескаше во очи, течеше од уши? Зарем има поголеми борци за правда? Зарем некој повеќе од нив ја љуби вистината? Па тие се жртвуваа за правда и за вистина. Гинеа по улици.
Диктатурата секојдневно ги стрелаше. Скапуваа по затвори. Таму ги измачуваа. Потоа повторно ги стрелаа, па мртви ги враќаа во затвори. Додека не ги донесоа правдата и вистината. И сега никаде ги нема. А потребни ѝ се на вистината. Оти Еквадор им го предаде на Британците, Џулијан Асанж. А тој е симболот на 21 век. Човекот што ја изнесе вистината. Се жртвуваше себе за таа да стигне до нас. Илјадници страници монструозни податоци излегоа на виделина. Видовме и прочитавме како се однесува изопачената моќ низ светот. Војни, масакри, геноцид, валкани политички игри, криминал и корупција, лажни вредности и двојни стандарди, сатанистички ритуали и педофилија, изборни манипулации и нелегални лобирања, политичари шпиони и лудаци, рушење на влади и уништување на држави, сето тоа протече заради Џулијан Асанж. Светот го контролираат психопати, убијци и гадни манипулатори. Асанж е Прометеј на 21 век.
Зарем не требаше гореспоменатите наши правдољупци први да дигнат глас против апсењето на Асанж? Зарем не е логично тие да згрмат во одбрана на вистината? Не, не е логично!
Затоа што шарените револуционерчиња се восхитуваат токму на онаа изопачена моќ што Џулијан Асанж ја разголи пред светот. Интелектуалната бижутерија е брендирана форма без суштина, хистерија активирана на копче, платена зомби герила за потребите на моќните центри кои го контролираат светот. ГраЏанството, луѓенца, на размазени шмизли и хипстери се врескачи по нарачка, диригиран хор за потребите на архитектите на човечки судбини, затоа што моќта има пари, а лажниве борци за правда ги интересира само тоа – каде се парите. Лажната авангарда се восхитува на Клинтонови, паѓа во несвест по Сорос, се тресе пред ЦИА. Облечи маичка со Че Гевара, расфрлај ја својата хистерија преку тастатура и одработи за истите оние кои го измачуваа Ел команданте пред да го ликвидираат. Зарем нема сличност помеѓу она што го правеа Асанж и Заев? Асанж ги објавуваше тајните документи на светската власт. Заев објавуваше прислушувани разговори од македонската власт. Е па, не е исто. Асанж ги објавуваше кашканиците на оние што му ги дадоа на Заев прислушуваните разговори.
На оние што го прислушуваат светот. Затоа нашава интелектуална бижутерија му се восхитуваше на Заев, а го презира Асанж. Поданици се восхитуваат на поданик. Лажни револуционери презираат вистински револуционер подготвен да се саможртвува за вистината. Колкава е нивната револуционерна правдољубивост ни покажува фактот дека тие повеќе се возбудуваат на досадните муабети меѓу Ставревски и Јанкуловска, отколку вистината дека врз луѓето и полицијата на Мајдан во Киев пукале платеници на ЦИА за да предизвикаат крвави демонстрации. Нив повеќе ги интересира туѓата интима, по некој сексуален трач, гревот на другиот, за да можат потоа да озборуваат по кафеани, на Фејсбук, оти свој живот немаат, па уживаат да им ги рушат на другите, отколку да дознаат какви монструозни сценарија се кријат зад инвазиите на Ирак, Либија и Сирија каде што беа убиени милиони невини луѓе.
Изгоре Богородичната црква во Париз. Пеплоса Нотр Дам. Како пеколот на Бош изгледаа снимките од запалената катедрала. Залелека Северџанистан по културното наследство на Европа. Нема човек во окупираниов протекторат што не го читал Виктор Иго. Лелекачите и тажачите на туѓи несреќи со задоволство го дочекаа моментот повторно да ја самопромовираат својата загриженост и хуманост по социјалните мрежи. Секако селективно, оти нема што тие да лелекаат за црквите во Сирија или на Косово, тоа е демоде, се корнат коси само по западната култура, оти тоа е модерно.
Довчерашните „познавачи“ на уметноста кои во неокласицизмот најдоа барок и сето тоа го нарекоа антиквизација, сега гледаме дека се експерти и за готика. Ете, и владата на Северџанистан ќе донира за Нотр Дам. Оти е глупо да се даваат пари за македонското културно наследство кое се распаѓа. Аквадуктот, Курбиново, сето тоа е македонско наследство, ама па Македонија е демоде, веќе не постои. Вчерародениот Северџанистан си има свое културно наследство, европското. Згора на тоа, Македонците се селјачишта кои се палат по минатото, а прав Северџанистанец е завртен кон иднината, кон европското минато. Што е крајно логично и здраворазумно, нели?