Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интервју со Салим Кадри Керими

Салим Кадри Керими

По објавувањето на прелиминарните резултати на најновиот попис на населението во Република Албанија, кој беше спроведен есента во 2023 година и според кој бројот на Македонците во оваа соседна земја, во споредба со нивниот број според пописот од 2011 година, е преполовен, деновиве разговаравме со Салим Кадри Керими, историчар, кариерен дипломат во пензија и добар познавач на состојбите во соседна Албанија.

– Господине Керими, Вие како автор на книгата „Аспекти на југословенско и македонско-албанските односи и соработка (1945-1991-2000)“ и добар познавач на состојбите во Албанија, како ги оценувате штотуку објавените резултати од пописот во 2023 година, конкретно во врска со бројот на Македонците во оваа соседна земја?
Во мојата книга, под горенаведениот наслов, положбата на припадниците на македонското национално малцинство, нивниот број, во минатото и сега, се анализирани и третирани на мошне опширен начин. Во посебниот прилог на наведената книга под наслов: „Македонците во Албанија“, покрај другото, е изнесена мојата оцена дека, „судејќи според албанските официјални статистички податоци, во врска со вкупниот број на припадниците на МНМ во Албанија, во периодот од 1945 до 1989 година, се доаѓа до непобитен заклучок дека прикажаниот број на Македонците во оваа земја не бил реален/објективен. Со други зборови, доколку според официјалните статистички податоци од пописот на населението во НР Албанија, во 1945 годинa, бројот на Македонците во оваа земја изнесувал 14.400 лица, односно 1,3 отсто од вкупниот број на населението на Албанија, како се случило на следните пет пописи нивниот број, наместо да се зголеми, да се намали на: 2.273 лица – 0,2 отсто (во 1950 година), 3.341 лица – 0,2 (во 1955); 4.235 лица – 0,3 (во 1960), 4.097 лица – 0,2 (во 1979) и 4.697 лица – 0,15 (во 1989)“?

– Дали на овој план нешто се промени во периодот по рушењето на диктаторскиот режим на Енвер Хоџа?
За жал, состојбата на овој план побитно не се промени ниту на следните пописи, кои се одржаа во 2001 и 2011 година, кога во Албанија како Македонци, конкретно во 2011 година, се изјасниле 5.512 лица, односно 0,2 отсто од вкупниот број на населението на оваа земја. Дека прикажаниот број не бил реален, покрај другото, може да се види и од податоците што се објавени на официјалната веб-страница на Општината Пустец, на која во врска со вкупниот број на македонското население само во деветте села на оваа општина се наведени два различни податока – 3.290 лица, според пописот од 2011 год., и 5.345 лица, според Граѓанскиот регистар (Regjistri Civil). Како што е познато, резултатите од пописите во 2001 и 2011 година, во однос на вкупниот број на НМ, вклучувајќи и на вкупниот број на припадниците на МНМ, од страна на политичките претставници на НМ во Албанија, своевремено беа оценети како необјективни и неприфатливи.

– Што мислите, кои се причините за преполовувањето на бројот на Македонците во Албанија на најновиот попис?
Причините за драстичното намалување на бројот на Македонците во Албанија, според резултатите од пописот во 2023 година, според мене, се различни и повеќеслојни. Дел од одговорноста за наведената состојба треба да ја лоцираме кај надлежните официјални институции на Република Албанија, дел кај самите Македонци во Албанија и кај нивните политички и невладини претставници во оваа земја, а дел и кај нас, односно кај надлежните институции на Република Македонија, во земјата и во странство.
Моите забелешки до официјалните албански институции, кои се изнесени во мојата книга но и во мој напис на албански јазик, кој беше објавен непосредно пред почетокот на пописот есента во 2023 година, се однесуваа на нереално прикажаниот број на Македонците во оваа соседна земја речиси на сите досегашни пописи и на начинот на организирањето на најновиот попис. Имено, како во мојата книга така и во мојот напис, меѓу другото, укажав дека со оглед на фактот што прашањата за етничката, јазичната и верската припадност, што, во согласност со Законот за попис на населението и становите, беа содржани во формуларот за пописот во 2023 година, беа категоризирани како „незадолжителни“, што значи и неказниви, во случај на нивното неодговарање или изнесување неточни податоци, големи се изгледите и резултатите, во однос на вкупниот број, конкретно на припадниците на МНМ, што ќе бидат објавени во јуни, односно во декември 2024 година, да бидат нецелосни. Со категоризацијата, посебно на прашањето за јазичната припадност на попишаното население како „незадолжително“, мислам дека Република Албанија и овој пат ја пропушти можноста за овозможување што пореален приказ на бројот, конкретно на припадниците на МНМ во оваа земја.

Според моите сознанија и моето длабоко убедување, најголемата одговорност за настанатата состојба на овој план, сепак и пред сè лежи кај самите Македонци во Албанија и кај нивните политички и невладини претставници. Резултатот од најновиот попис, меѓу другото, зборува за неконзистентниот „превртлив карактер“ на дел на наведеното население. Според мене, несфатливо е толкав број Македонци да се декларираат за Бугари само затоа што поседувале или сакале да поседуваат бугарски пасоши. Бугарски пасоши во Република Македонија поседуваат над 100.000 граѓани, но бројот на бугарското население во Македонија, според резултатите од пописот на населението во Република Македонија, од 2021 година, изнесуваше само околу 3.000 лица. Ќе се согласите со мене дека некои работи по никаква цена не би требало да се менуваат. Ова правило, за жал, не важи за дел од македонското население во Албанија и за огромен број Албанци (од Албанија) што последните 30 години емигрираа во Грција.

Што се однесува до „одговорноста“ на нашите институции мислам дека неколку месеци пред започнувањето на пописот релевантните институции на нашата земја требаше да реализираат неколку средби со претставници на албанските надлежни институции, при што, покрај другото ќе требаше да се замолат за покажување поголема будност во наведениот процес. Една од објективните причини за преполовувањето на бројот на македонското население во Албанија сепак е и фактот што на пописот од есента 2023 година беше попишано/регистрирано само резидентното население на Албанија.

– Што сакате да кажете кога велите дека „албанските релевантни институции требаше да се замолат за поголема будност“?
Имајќи го предвид упорното залагање на Бугарија за докажување на „бугарскиот карактер“ на македонското население и во Албанија, почнувајќи посебно од крајот на 19 век и сè до денешни дни, нашите релевантни институции, вклучувајќи ја и нашата амбасада во Тирана, требаше на позачестен начин да им укажат на албанските надлежни институции на недозволените активности на официјалните и невладини институции на Република Бугарија меѓу македонското население во Албанија, со барање за нивно спречување и санкционирање. Доколку не грешам, тоа, за жал, или не беше направено или, пак, недоволно беше направено од страна на релевантните претставници на нашите надлежни институции.
Инаку, забелешките на некои политички претставници на Македонците во Албанија дека Република Македонија многу малку направила за подобрување на нивниот живот се неосновани. Сите сме сведоци на фактот дека од самиот почеток на 90-тите години на минатиот век Република Македонија широко ги отвори вратите за наведеното население, помагајќи го во разни форми и облици. На овој план можеби можело да се направи и повеќе, но воопшто не држат забелешките за некаква „негрижа“ на Република Македонија кон припадниците на МНМ во соседна Албанија.

– Што мислите, до кога ќе продолжи процесот на натамошна „бугаризација“ на Македонците во Албанија?
Според моите процени, сè додека Република Македонија не стане полноправна членка на Европската Унија, сè дотогаш бројот на Македонците во Албанија, но не само таму, од година на година, односно на секој следен попис би можело да продолжи да се намалува уште повеќе.

Сосема на крајот на овој наш разговор сакам да потсетам и да го подвлечам фактот дека при третирањето на односот на Албанија и Албанците кон македонското прашање во целина, вклучувајќи и кон припадниците на МНМ во Албанија, според мене, појдовна основа пред сè треба да претставува принципиелниот – афирмативен став на оваа земја и Албанците како народ во целина, во врска со самобитноста на македонската нација, јазик, култура и црква, кој, според одделни факти и индиции, де јуре и факто, најмалку во периодот од 1944 година и сè до денешни дни, со извесни исклучоци бил/е константен. Затоа, имајќи го предвид, меѓу другото, горенаведениот факт, сметам дека, со заеднички напори на релевантните официјални претставници на двете земји, „енигмата“ околу приближниот вкупен број на Македонците во Албанија – единственото прашање за кое двете земји имаат различни гледишта, во скоро време би можело да се коригира. На таков начин од дневниот ред на македонско-албанските односи би се отстранило и ова прашање. Меѓутоа, за да се случи тоа, истовремено е неопходно „самоосвестување“ на оној дел од македонското население во Албанија што последните години беше подложен на откажување од својата вистинска етничка припадност. Н.М.