Фото: З.А.

Кичево ќе биде еден од градовите каде наскоро ќе се спроведе зонско паркирање на моторните возила, за што ќе треба граѓаните за одреден временски период да плаќаат надомест во износ од 30 денари за еден час, во близина на центарот на градот а 20 денари подалеку од центарот.

Со зонското паркирање ќе менаџира јавното комунално претпријатие, а градот ќе биде поделен во три зони и тоа според локацијата на улиците и интензитетот на сообраќај.

Фото: З.А.

-Наскоро и во нашиот град ќе има зонско паркирање и за почеток тоа ќе профункционира на булеварот„ Ослободување“, каде интензитетот на сообраќај е најголем а се разбира и бројот на паркирани возила. Според тарифата за секое паркирано возило на булеварот во период од еден час ќе се наплатуваат 30 денари во периодот од 8 до 23 часот во зона-1 а во зона 2 цената за еден час ќе изнесува 20 денари. Покрај непосредната наплата на возачите од паркираните возила, наплатата ќе може да се извршува и со помош на СМС пораки во понатамошниот период – истакнуваат од комуналното претпријатие.

Од таму посочуваат дека за возилата за кои нема да биде подмирена сметката за паркирање ќе биде организирана и пајак служба и овие возила ќе бидат подигнати од самото место.

Граѓаните што живеат на булеварот „Ослободување“ бараат своите возила да ги паркираат на оваа улица со повеќе поволности, бидејќи булеварот им е единствениот избор каде можат да ги паркираат своите возила.

-За нас треба да има поинакви, олеснителни, услови за паркирање на моторните возила.Замислете ние што живееме на булеварот на месечно ниво да плаќаме повеќе од 100 евра за паркирање на сопственото возило – вели жител од централниот булевар во градот.

З.А.