Автор: Д-р Билјана Силјаноска-Гиговска, гинеколог-акушер
Магнезиумот е минерал од витално значење во текот на нашите животи. Особено е важен за жените кои очекуваат бебе. Магнезиумот може да помогне при широк спектар на непријатни симптоми за време на бременоста
Ова вклучува утрински мачнини, болки во зглобовите и тетивите, болки во мускулите и грчеви, главоболка, болки во грбот, несоница.
Магнезиумот е вклучен во контролата на над 300 процеси во нашето тело. Без него, не би можеле да произведеме енергија, да процесираме инсулин и да ги движиме мускулите.
Зошто магнезиумот е толку важен за време на бременоста?
Спречува несоница
Бремените жени често страдаат од нарушувања на спиењето, потешко заспиваат и се будат често. Недостигот на квалитетен одмор во текот на ноќта се меша со скоро секоја функција на телото и умот во текот на денот.
Бремените жени имаат потреба од зголемен внес на овој важен минерал што им помага да спијат подобро и да се чувствуваат поенергично во текот на денот.
Ги намалува грчевите во мускулите и грчевите во стомакот
За време на бременоста, може да се појават лажни контракции – таканаречените Braxton-Hicks контракции. Може да се појават во раните и последните фази на бременост. Соодветни количини на магнезиум помагаат да се потиснат.
Грчеви во мускулите на нозете се исто така можни. Магнезиумот исто така помага да ги контролирате, особено во текот на ноќта.
Ги олеснува утринските мачнини
За многу жени, земањето додаток на магнезиум помага во намалување на симптомите на утрински мачнини во првите месеци од бременоста.
Го намалува ризикот од предвремено раѓање
Магнезиумот има својство на релаксирање на мускулите. Магнезиумот е вклучен во процесот на контрола на грчевите и неконтролирано движење на мускулите на матката, создавајќи услови за предвремено раѓање.
Го намалува крвниот притисок
Магнезиумот е познат за намалување на крвниот притисок. Ова е од витално значење за бремени жени затоа што прееклампсијата е една од најпознатите опасни по живот компликации што можат да се појават.
Зошто е важно железото во бременоста и како да го одржите во нормални граници?
Постојано се зборува за важноста на железото за време на бременоста, но дали сте се запрашале зошто тој минерал е толку важен и потребен за телото во тој период?
Зошто е потребно железото во бременоста?
Нашето тело го користи железото за да создаде хемоглобин кој е сместен во црвените крвни клетки и е одговорен за транспорт на кислородот низ целото тело. За време на бременоста телото на мајката треба да обезбеди доволно кислород и за бебето што значи дека ќе биде потребно многу повеќе хемоглобин.
Препорачаната дневна доза за внес на железо од 18 mg на ден кај трудници се зголемува на 27 mg на ден. Железото е неопходно затоа што доаѓа до зголемување на волуменот на крвта и формирање на плацента и секако крвоток за самото бебе.
Всушност, повеќето жени кои имаат адекватни резерви на железо и кои користат соодветни витамини во бременоста и секако кои се хранат со исхрана која содржи железо најчесто не се соочуваат со проблемот на ниско железо и хемоглобин кој е најизразен во последниот триместар од бременоста.
Но, кај околу 15 до 25% од бремените жени се јавува дефицит на железо или анемија. Оваа состојба доколку не се контролира може да биде опасна и за бебето, но и за мајката. Анемијата може да биде причина за предвремено породување, раѓање на бебе со ниска тежина, но и здравствени проблеми кај самата мајка.
Жените кои развиваат анемија во бременоста се чувствуваат изморено, најчесто имаат вртоглавици,тахикардија, слабост, гадење, намалување на имунитетот и сл.
Која храна е богата со железо?
Најдобар извор на железо е секако црвеното месо, сепак железо има и во одредени житарици, во леќата, гравот, семето од коприва и во зелениот лиснат зеленчук.
За да може железото да се апсорбира и искористи од храната која ја внесуваме, неопходно е да се внесува истовремено и витамин Ц. Затоа една од најдобрите комбинации за оброк е месо со салата. Во месото има доволно железо, а во салата доволно витамин Ц што овозможува лесна и целосна апсорпција на железото.
Исто така битно е да се знае дека кога се внесува железо треба да се избегнува внесување на храна богата со калциум затоа што калциумот ја попречува апсорпцијата не железото. Бидејќи и калциумот е неопходен во бременоста внимавајте да го внесувате во различни временски рамки.
За да бидете сигурни дека ќе го одржите нивото на железо и хемоглобин на оптимално ниво, правете месечни контроли на крвта во текот на целта бременост, исто така трудете се да се храните здраво и внесувајте почесто и повеќе храна која содржи железо.
Витамините кои се пијат во текот на бременоста се секако задолжителни, се со цел мајката да биде 100% сигурна дека бебето ги добива сите потребни нутритиенти кои му овозможуваат правилен раст и развој на бебето.