Законот за амнестија кој е во владина процедура се однесува за одредена категорија затвореници и осуденици, кои веќе се на издржување казни и не се однесуваат за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на обвинувањата на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов дека СДСМ И ДУИ подготвуваат амнестија во договор со ВМРО – ДПМНЕ за да обезбедат гласови за уставните измени.

Законот за амнестија за помали кривични дела се очекува утре да се најде на седница на Влада, најави Ковачевски кој одговараше на прашања за законот за амнестија и измените на Кривичниот законик, по посетата на компанијата „Алма – М“.

Ковачевски истакна дека претходно законот за амнестија за помали кривични дела е презентиран на владина седница, но заради технички усогласувања со секторот законодавство даден е период до утрешната седница на Влада.

– И како таков откако е усогласен, односно откако ќе биде усогласен ќе биде поднесен до Собранието, потоа од пратениците зависи дали ќе биде донесен, во која форма ќе биде донесен и кога ќе биде донесен – рече Ковачевски.

Прашан зошто на Кривичниот законик не е потпишан министерот за правда, Лога, туку заменик министерот за правда, Ковачевски со одговор дека согласно Законот за Влада може да биде потпишан или од министер или заменик министер, а во зависно од тоа кој бил вклучен во процесот.

На новинарско прашање за сомнежот кај Европската Унија за измените на Кривичниот законик и законот за амнестија дека со нив се охрабрува неказнивоста, Ковачевски нагласи дека овие закони се усогласени со праксите во ЕУ и оти ние сме држава која се стреми за членство во ЕУ, со почнат скирнинг процес.

– Кога ќе го видите и нашиот Кривичен законик со последните измени, тогаш ќе видите дека се работи за идентичен закон со направени измени на законодавството во Германија, Франција, Словенија и во однос на одредби и во однос на висина на казни. За такво нешто од шпекулациите нема никаква вистина, тоа и се потврди бидејќи помина скоро месец откако е донесен и ништо драматично се нема случено. Ниту некој бил аменстиран за нешто, туку си продолжуваат процеси врз 422 основи, по кои секој може да биде гонет во оваа држава, а не по општи одредби кои доаѓаат од законодавства од минатото – рече Ковачевски.

Нагласи дека за измените за Кривичниот се расправало на владина седница, биле доставени до Собранието, сите пратенички групи присустувале на пленарната седница кога се утврдил дневниот ред, сите пратенички групи присустувале на Комисијата за европски прашања и потоа биле изгласани на пленарна седница. Повтори дека законот за амнестија кој се однесува на помали кривични дела, бил презентиран на владина седница и ќе биде поднесен до Собранието и дека од пратениците зависи во каква форма ќе биде донесен.

Во однос на реакциите на Европска комисија за злоупотреба на европско знаменце, претседателот на Владата образложи дека има цела коресподентна табела во однос на усогласеност со директивите 42/2014 итн.

– Сакаме да кажеме дека во ЕУ не владее право, еве јас ќе ви поставам прашање, вие јавете се во Брисел, кога во Европски парламент ги фатија дека местеле во светско првенство во фудбал, проверете по кој член од Кривичен законик ги гонат. Еве истражувачко новинарство малку во Брисел, да видеме по кој член од Кривичен законик ги гонат – изјави Ковачевски.