Фото: МИА

Велат од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

Сметам дека целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка во носењето на измените на Кривичниот законик, каде што ќе се слушнеше мислењето на Судскиот совет, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, по потпишувањето на Меморандумот за соработка на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Целиот процес е спроведен набрзина, рече Георгиев, без притоа Судскиот совет да има свое учество и да даде мислење во однос на измените. Тој додаде дека Судскиот совет има активно учество во спремањето на новите измени на Кривичниот закон како пакет, прецизирајќи дека се работи за измени во делот на припишување на нови кривични дела.

– Сведоци сме на низа реакции во јавноста, по однос измените во Кривичниот законик, јас како претседател на Судскиот совет, наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, имам чувство дека многу набрзина сето тоа се спроведе, без притоа да имаме свое учевство, односно да дадеме мислење како Судски совет, а со тоа се доведовме во состојба каде судиите се должни да го почитуваат законот, таков каков што е, без претходно да се анализираат сите последици, рече Георгиев.

За тоа како ќе се одразат измените во Кривичниот законик, претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски рече дека одговорите треба да ги дадат од Јавното обвинителство, бидејќи како што вели, Советот на јавни обвинители се грижи за самостојноста на работењето на јавните обвинители и не постапува по конкретни предмети за да има увид врз нив.

– Најдобро би било да одговорат практичарите, односно Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, бидејќи според хиерархија, тие се оние кои ги работат предметите, оние кои најмногу можат да извадат анализа како ќе се одразат врз нивното работење ваквите измени на Кривичниот законик. Мислам дека тие можат со конкретни податоци со бројки, а ние како Совет на јавни обвинители немаме надлежност во тој дел, односно не постапуваме по конкретни предмети. Постапуваме само по претставки и поплаки, но увид во тековните предмети не вршиме, затоа би требало Јавниот обвинител да се произнесе, дали и колку ќе ги погодат ваквите измени – рече Јолевски.

Јолевски беше согласен со претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, дека треба да се има поголема транспарентност при носењето на измените во Кривичниот законик и поголема вклученост на практичарите пред да се донесат законите.

-Тековно не знам како се одвиваат работите, меѓутоа сметам дека би требало да има поголема транспарентност при носењето и вклучување малку повеќе на практичарите пред да се донесат законите за изготвување на тие предлог законски решенија. Кај нас се праќаат предлози, меѓутоа овој одеше по скратена постапка и не знам колку брзо може да се видат тие предлози. Јас не видов таков текст на законот – рече Јолевски.