Лекарската струка реагира за случувањата во Клиниката за онкологија, изразувајќи загриженост и срам во врска со случајот за кој Министерството за внатрешни работи и обвинителството отворија предистрага.
Поранешниот министер за здравство и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, на социјалните мрежи напиша дека од Алијансата за Албанците алармирале за скандалот во Клиниката за онкологија уште во декември 2022 година.
– Но, никој не реагираше и тоа се сметаше за бескорисна реакција. Не сакам да верувам дека е вистина, инаку белиот мантил станува црн, Хипократовата заклетва се претвора во активност на Менгеле, а веќе нема ни М од медицината. Како доктор со дведецениско искуство, чувствувам срам, срам и гадење поради овие постапки кои изгледаат како настани од минатото и ги претворија зградите на надежта во логори на смртта – додава Таравари.
Според него, најкомплицирана е штетната порака што се испраќа до новите генерации.
– Законот мора да биде безмилосен – порачува лидерот на Алијансата за Албанците.
Според докторот Драган Даниловски, овој срам никогаш нема да се „испере“.
– Во крајна линија, ова е пораз и срам (и) за нас, професорите на Медицинскиот факултет. Зашто, сите овие што ги фатија „со рацете во медот“ биле наши студенти. На кои не сме успеале да им вградиме основни етички принципи. По ѓаволите, ќе да беа залудни сите мои 40 години стаж… – пишува Даниловски на Фејсбук.
На социјалните мрежи се огласи и д-р Ненад Лазаров.
– Јас денес со крената глава и насмевка ќе се појавам пред пациенти, секој нека си го носи сопствениот срам, цел живот го вложив за тој мантил со достоинство да го носам – напиша Ненад Лазаров и порача дека денеска ќе се појави на протестот пред Влада.
Во петокот, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Како што информираат од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови поврзани со работата на Клиниката.