Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за време на официјалната посета на Хрватска оствари средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на која биле разменети мислења за билатералните односи, европската интеграција и унапредувањето на регионалната соработка.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши на средбата бил придружуван од претседателката на пратеничката група за соработка со хрватскиот парламент, Благица Ласовска, како и од членовите Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати.

На средбата било истакнато дека Северна Македонија и Хрватска негуваат пријателски и партнерски односи, со заедничка заложба за продлабочување на соработката во повеќе области.

Во однос на европската интеграција, Гаши ја потврдил стратешката определба на земјава за полноправно членство во Европската Унија, нагласувајќи ја потребата од предвидлив и кредибилен процес на проширување.

Тој посочил дека напредокот на земјите кандидатки треба да се оценува врз основа на постигнатите резултати и исполнувањето на Копенхашките критериуми, со доследна примена на принципот на строга, но правична условеност.

Посебно внимание било посветено и на регионалната соработка и добрососедските односи. Била истакната потребата отворените прашања да се решаваат преку дијалог и компромис, со заемно почитување и свест за заедничката одговорност за стабилноста и напредокот на регионот.

Во рамките на посетата, Гаши остварил средба и со министерката за регионален развој и фондови на Европската Унија на Хрватска, Наташа Микуш Жигман.

На оваа средба станало збор за спроведувањето на Новиот план за раст за Западен Балкан, во кој активно е вклучена Северна Македонија. Гаши посочил дека планот претставува важен инструмент за забрзување на реформите, поттикнување на економскиот развој и постепено приближување кон единствениот пазар на Европската Унија.

Бил изразен интерес и за продлабочување на соработката со Хрватска преку размена на искуства во програмирањето, управувањето и користењето на европските фондови.

Особено биле нагласени хрватските искуства и добри практики во подготовката и реализацијата на развојни проекти финансирани од ЕУ, како и потребата од зајакнување на административните капацитети за поефикасно искористување на европските средства.