Спасувачи волонтери од Грција, но и со помош на спасувачи од Македонија, осми ден ја продолжуваат потрагата за пронаоѓање на 31-годишниот Мартин кој исчезна во Посиди на Халкидики.
Официјалната потрага на Крајбрежната служба на Грција заврши, односно во четвртокот беше последниот ден кога во потрагата учествуваа и официјалните грчки власти, а вчера и денеска, акцијата продолжи од волонтерски спасувачки тимови.
Од ОФКАТ, волонтерската спасувачка група која од прв момент е на терен соопштија дека нивните денешни напори за пронаоѓање на Мартин ќе се прошират и подалеку и во соработка со нивни колеги, спасувачки тимови од Лариса и Волос потрагата ќе стигне и до Лариса и Плио, што е крајбрежниот дел што се наоѓа спротивно од првиот крак на Халкидики и местото каде што исчезна момчето.
Во тимот на ОФКАТ ќе се вклучат и волонтери кои пристигнале од Скопје.
На Халкидики, заедно со спасувачите е и братот на исчезнатото момче, а вчера потрагата се водеше и од воздух, со помош на авион од солунски аеро-клуб кој го прелетуваше делот околу Катерини и Лариса.
Спасувачката акција започна минатата сабота во попладневните часови, кога тројцата македонски државјани влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.
Помош за потрагата по Мартин се собира на во групи на Фејсбук, меѓу кои и Сите за Мартин.