Фото: Светски македонски конгрес

Денес, на 84 годишна возраст, почина Павле Сребреновски во Мелбурн, Австралија, голем хуманист и борец за македонските работи, меѓу Македонците познат како Павле војводата, објавија Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот македонски конгрес.

Павле Сребреновски е роден на 28 декември 1940 година во село Долно Клештина, општина Лерин, Република Грција. Во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година грчките власти го фаќаат на пат кон Република Македонија заедно со мајка му Мара и брат му Ристо. По брза постапка се осудени на казна затвор од четири години строг затвор во Лерин, Република Грција. Во 1948 година Павле, мајка му Мара и брат му Ристо ги пуштаат од затворот со наредба веднаш, а најдоцна за 24 часа, да ја напуштат Република Грција. Пристигаат во Република Македонија каде го продолжуваат животот.

Во Скопје завршува основно училиште „Крсте Мисирков“ и гимназија „Димитар Влахов“.

Во Австралија се иселува во 1964 година, после поплавата и земјотресот во Скопје.

За време поплавата во Скопје во 1962 година Павле спасува девојче од 7 години, момче од 11 години и повозрасен маж од 30 години. За време на земјотресот, пак, Павле спасува 12 Скопјани. За тоа е награден со орден заслуга за народ сребрена ѕвезда, прв во тогашна СФР Југославија.

Во Австралија на 7 март 1965 година се жени за Менка Бачкова, Македонка по потекло од Арменово, општина Лерин, Република Грција. Во брак имаат две деца: ќерката Лена, сега омажена за Пецо Петковски, мајка на четири деца Ицо, Павле, Темјан и Марко (внукот Павле е оженет и тој има син); и синот Александар.

Сопругата Менка Бачева му се упокојува на 12 јули 2014 година во Мелбурн, Австралија. Поседува и австралиско и македонско државјанство.

Павле Сребреновски како пензионер живее и работи на својот ранч со краварска фарма на површина од 16 хектари во Мелбурн, Викторија.

Павле Сребреновски беше член на Матицата на иселениците од Македонија и на Светскиот македонски конгрес.

Од 2015 година Павле Сребреновски е носител на почесната титула Македонски сенатор, како највисоко семакедонско признание на Светскиот македонски конгрес за живот и дело.

Погребот на Павле Сребреновски ќе се изврши на 31 декември 2024 година, литургијата ќе биде во 10:00 часот австралиско време, во Македонската православна црква „Свети Никола“ во Престон, а после литургијата погребот е на гробиштата во Витлси.