Македонија на задоволително ниво имплементираше 13 од 23-те препораки содржани во Извештајот за евалуација од петтиот круг, девет се делумно имплементирани и една не е имплементирана, се наведува во вториот извештај за усогласеност на Групата на држави против корупција (ГРЕКО) при Советот на Европа.
ГРЕКО заклучува дека Македонија е „во недоволна усогласеност“ со препораките содржани во Извештајот од петтиот круг на евалуација и го поканува шефот на Делегацијата на Македонија да достави извештај за напредокот во имплементацијата на преостанатите препораки што е можно поскоро, но најдоцна до 30 јуни 2024 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, вториот извештај за усогласеност ги проценува мерките коишто ги презеле властите во земјава за имплементација на препораките дадени во Извештајот за евалуација наМакедонија – Петти круг од 2019 година, откако во 2021 година ГРЕКО го објави првиот извештај за усогласеност.
Петтиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на „Спречување на корупцијата и промоција на интегритетот кај централната власт (лица на кои им се доверени највисоките извршни функции – ЛНИФ) и органите за спроведување на законот (ОСЗ)“.
Според ГРЕКО, во однос на носителите на највисоки извршни функции, забележани се неколку позитивни случувања, како што е воспоставувањето на проценки на ризикот по интегритетот и редовни евалуации на влијанието на мерките за интегритет во централната власт и зајакнувањето на ресурсите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), кои сепак се уште не се со целосен оперативен капацитет.
– Со оглед на ова, ДКСК продолжи да игра најпроактивна улога во обезбедувањето лидерство во борбата против корупцијата, вклучувајќи и преку нејзините задачи за следење и советување. Издадени се дополнителни упатства за ЛНИФ за подароци, лобирање и управување со судири на интереси. Членови на Владата се обучени за Етичкиот кодекс, судири на интереси и други прашања поврзани со интегритетот, се наведува во извештајот.
ГРЕКО оценува дека системот за надзор над изјавите за имотна состојба и интереси е подобрен, вклучително преку развој на нов софтвер кој овозможува поефикасни вкрстени проверки на податоците.
– Потребни се повеќе напори за да се процени адекватноста (ефективноста, пропорционалноста и ефектот на одвраќање) на тековниот систем на санкции за судири на интереси и други повреди поврзани со интегритетот, се додава во извештајот.
Во однос на агенциите за спроведување на законот (полицијата), во извештајот се наведува дека е забележан тековен напредок, пред се со измените и дополнувањата на законите за внатрешни работи и за полиција од април 2022 година.
– Тие, меѓу другото, предвидуваат обврска за поднесување изјави за имотна состојба и интереси за сите работници во МВР, забрана работниците да бидат членови на политичка партија или на тело на политичка партија, нов тест за интегритет – чијашто ефикасност допрва треба да се процени во пракса и утврдување на објективни и професионални критериуми за именување на Директор на Бирото за јавна безбедност (Началник на полиција), се наведува во извештајот.
Според ГРЕКО, извршен е и преглед на ранливостите и ризиците поврзани со корупцијата во полицијата, но се чини дека се неопходни дополнителни активности за да се зајакнат механизмите за внатрешен и надворешен надзор над полицијата и да се обезбеди оперативна независност и политичка неутралност на полициските сили не само во законите, туку и во пракса.
– ГРЕКО со нетрпение очекува да добие ажурирани информации за тоа како новововедените/планираните мерки за заштита на укажувачите значително ја зајакнале имплементацијата на законодавната рамка во пракса, вклучувајќи и преку шеми на пријавување, се посочува во документот.
Според извештајот, задоволително се имплементирани препораките за систематско спроведување на проценката на ризик на интегритетот кај централната власт што ќе ги опфаќа сите функционери и лични советници и надворешни соработници, за практично спроведување на Етичкиот кодекс за лицата кои вршат највисоки извршни функции треба, како и за воведување правила со кои ќе се регулираат интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки и редовно објавување на таквите контакти.
Како задоволително имплементирани, ГРЕКО ги оценува и препораките за надополнување на правилата за ад хок откривање и управување со случаи на судир на интереси со практични упатства и мерки, за усвојување на политики за спречување на корупцијата и за интегритет за полицијата, за воспоставување на релевантен механизам во рамки на полицијата за управување со ризиците од корупција, за ревидирање на Кодексот на полициска етика и систематско подигнување на свеста на полицијата за неговите содржани, за воспоставување објективни и професионални критериуми за назначување на директорот на Бирото за јавна безбедност, како и за анализирање на потребата од воведување на обврска за пријавување на имот/интереси од стана на највисокото раководство и/или одредени позиции во полицијата, со цел да се воведат такви правила.
Како делумно имплементирани се оценети препораките за измена на владините правила со цел да се обезбеди имињата и функциите на сите присутни на владините седници, поткомитети и работни групи, вклучувајќи ги и третите лица, да бидат јавно достапни на интернет, за поедноставување на правилата за прифаќање на подароци од страна на лица кои вршат највисоки извршни функции, за зајакнување на надзорот во однос на изјавите за интереси и имот на лицата кои вршат највисоки извршни функции во Владата, како и за обезбедување доволна оперативна независност на полицијата во однос на МВР и преземање релевантни мерки со цел полицајците во пракса да ги извршуваат своите функции на политички неутрален начин.
Натаму, според ГРЕКО, делумно се имплементирани и препораките за почитување на принципите на компетентност и транспарентност при регрутирањето полицајци и проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата, за воведување објективни и транспарентни критериуми и процедури за периодични проверки на интегритетот на полицискиот персонал, за обезбедување на автономија и независност од несоодветно влијание на механизмот за внатрешна контрола на полицијата, за соодветно ниво на транспарентност на расположливите механизми за надворешен надзор на полициските сили, како и за зајакнување на мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата.
Единствено неимплементирана, според ГРЕКО, е препораката за анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата/легислативата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција и обезбедување дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки.
– ГРЕКО ги поканува властите на Северна Македонија што е можно поскоро да го одобрат објавувањето на овој извештај, да го преведат на националниот јазик и јавно да го објават преводот – се додава во извештајот.