Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со симулација на прва помош при итна ситуација – земјотрес, Црвениот крст денеска кај Градски Парк во Скопје ја одржа вежбата „Хуманитарен одговор 2023“.

Целта на вежбата е да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста на македонскиот Црвен крст.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека ова вежба ги покажа сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка.

-Токму како настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент – посочи Пендаровски.

Учесници на вежбата се Црвениот Крст, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Северна Македонија, Итна медицинска помош – тријажен центар и укажување на прва помош.

Понатаму, на вежбата учествуваат Министерство за труд и социјална политика, Македонска радио телевизија- медиумско информирање за кризната состојба, Противпожарната територијална единица, Комора на психолози, Агенција за храна и ветерина, Црвениот крст на град Скопје.

Покрај нив, учесници се и општински организации на Црвениот крст, Тимови на Национални друштва од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Германија), претставници од универзитетите во Македонија (УКИМ, УГД, УКЛО), независни експерти од областа и различни тела од Системот за управување со кризи (СУК), на локално и регионално рамниште.