Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската православна црква и нејзините верници вчера, на 28 август, го прославија празникот Успение на Пресвета Богородица, еден од најголемите христијански празници посветени на Богородица, која во народот е позната како Голема Богородица. Ова е значаен христијански празник, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос. Вчерашниот ден е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото.

Богородица се смета за заштитничка на сите христијани и на градот Скопје. По тој повод, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше со светата божествена литургија во манастирот во Матка, крај Скопје. Жителите на Матка, Сарај, Ѓорче Петров, но и пошироко традиционално ден пред празникот и на самиот празник доаѓаат во манастирот да се помолат на Мајката Божја. Во рамките на прославата, Црвениот крст на Македонија, организираше крводарителна акција.

Големиот празник беше одбележан со низа богослужби, манифестации и свечености во сите градови на Македонија и од македонските православни верници во соседните земји. Во Македонска Каменица вчера се славеше тројниот празник на градот, Денот на општината, Денот на рударите и верскиот празник Успение на Пресвета Богородица. Голем број верници ја посетија црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што по одржувањето на црковната литургија се помолија за лично здравје и здравје на своите најблиски. За тројниот празник на Македонска Каменица традиционално се приготвува ручек за верниците.

Македонците од Мала Преспа во Албанија, по традиција негувана со векови, го одбележаа празникот Успение на Пресвета Богородица во селото Церје. Иако поголемиот број жители од Церје се иселени, сепак за нив и нивните поколенија важи изреката „каде и да се за овој голем празник во Церје да се“. Заедно со нив беа и жители од повеќе села на Мала Преспа.

Верскиот празник со низа свечености беше одбележан и во Крива Паланка и во Дебар. Голема Богородица беше одбележана и во македонското древно светилиште Бигорски манастир. М.Ј.