Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) испрати допис до Народниот правобранител на Албанија, со кој „изразува длабоко разочарување од одговорот на писмата во кои ја изразува загриженоста во однос на пописот на населението“.
Ви пишуваме, стои во дописот, за да го изразиме нашето длабоко разочарување од одговорот на вашата ценета канцеларија во врска со загриженостите што ги искажавме во нашите претходни писма во врска со пописниот процес во Албанија и вознемирувачките напори на Бугарија за асимилација на македонското малцинство.
– Како цврсти застапници за правата на Македонците кои живеат во Албанија, ние проактивно се вклучивме во обрнувањето на вниманието на вознемирувачките прашања околу пописот во нашата земја. За жал, и покрај нашите постојани напори да укажеме на заканите, притисоците и неетичките практики со кои се соочува македонското малцинство, одговорот од албанските институции алармантно недостигаше како во делување така и во одговорност – стои во дописот.
Се напоменува дека и пред почетокот на пописот и во периодот на пописот, реагиравме не само до домашните власти, туку и до странските амбасади во Албанија, алармирајќи ги за „притисокот што го вршеше бугарската амбасада во Тирана и екстремистичките групи од Бугарија“.
Овие притисоци, констатира МАЕИ, во комбинација со „очигледната неактивност на албанските институции, сериозно го попречија основното право на македонското малцинство слободно да учествува во пописот и да го изрази својот идентитет без страв и принуда“.
-Очекувавме поодлучен однос и проактивни мерки од албанските институции за заштита на правата и слободите на граѓаните со македонско потекло. Сепак, реалноста е дека овие наши загрижености беа пречекани со молчење или, уште полошо, со соработка во активностите кои ги помагаат асимилаторските цели на Бугарија кон македонското малцинство. Иако ја признаваме независноста на вашата канцеларија, ни изгледа изненадувачки што одговорот што го добивме го смета ова прашање надвор од ваша надлежност поради неговата дипломатска природа, и вашиот одговор дојде по завршувањето на пописниот процес и два месеци по нашето прво писмо. Во нашите писма јасно беа истакнати сериозни обвинувања против албанските институции, кои останаа неадресирани, иако беа во сферата на вашата јурисдикција – стои во продолжение на дописот.
Се посочува дека во писмата, партијата, реагирала и барала во општина Пустец да се попишат сите жители кои живеат на територијата на општината и кои биле физички присутни тука, дека навела посебни случаи во општина Пустец каде жителите кои биле физички присутни не биле попишани и биле исклучени од пописот, како и примери на жители кои не се контактирани и кои не ги попишале иако се советници во Советот на општина Пустец или имаат регистрирано бизнис на територијата на општината и плаќаат даноци.
– Иако пописот во Албанија заврши и во нашите писма баравме да се преземат суштински мерки од албанските институции за заштита на правата на македонското малцинство слободно да го изрази својот идентитет за време на пописот, бараме од вас да преземете проактивни мерки во рамките на вашите овластувања, да ги преиспитате уште еднаш нашите писма и да ја проверите нашата голема загриженост за овие суштински прашања. Интегритетот на пописниот процес и заштитата на правата на малцинствата се од суштинско значење за инклузивноста и демократските вредности кои Албанија се стреми да ги задржи на својот пат кон европската интеграција – пишува во дописот потпишан од претседателот Васил Стерјовски.
Инаку, во одговорот на Народниот правобрантел, меѓу другото, стои дека „конкретното прашање е надвор од јурисдикцијата и надлежноста на Народниот правобранител“.
Сепак, се додава дека како институција ќе „продолжи да ја изразува посветеноста за почитување и заштита на идентитетските права на националните малцинства во рамките на меѓународните стандарди за човекови права, како и подготвеноста за соработка и континуиран придонес во оваа насока“.