Зошто министерот Бектеши ја закажа, па одложи прес-конференцијата за Иловица? Дали Ковачевски сега ќе биде силен, па да побара одземање на концесијата или ќе продолжи вазалството во кое СДС ќе го брани ДУИ среде Струмица, велат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминогената Влада на СДС и ДУИ дава зелено светло на Назиф Дестани за влез во Иловица, а тој нема никакво искуство со ископ на бакар и злато. Човекот на ДУИ, Дестани знае дека влегува во сигурна бизнис зделка. Ова е уште еден чекор на Владата, поточно на СДС со кој се штитат бизнис интересите на ДУИ воопшто. Оваа криминогена Влада ги обезбедува лицата блиски до ДУИ со милионски профити на штета на интересите на граѓаните во струмичко“, дополнуваат од партијата.
Според нив оваа Влада не прави ништо за граѓаните, што е дополнителен доказ дека нема ништо од изјавата на Димитар Ковачевски дека рудник во Иловица нема да се гради.
„Ковачевски не бара одговорност од Крешник Бектеши затоа што ги излажал министрите од СДС кои како што велат самите затоа гласале за спојување на концесиите Иловица-Штука. Бектеши бега од јавноста. Вчера пак ја образложуваше ситуацијата за Иловица во Владата, но не излезе и пред јавноста. Закажаниот прес за вчера го одложи за денес. Криминогената Влада на СДС и ДУИ продолжува да тера бизниси на грбот на граѓаните, односно да носи одлуки спротивни на интересите на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што додаваат, граѓаните не забораваат, а по изборите ќе следи одговорност за сите „вклучени во криминални активности“.