Фото: МНР

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска изјави дека Владата побарала внатрешна истрага за случајот „Онишченко“ и дека да има последици за овој случај.

– Несомнено, тоа е сериозен напад кој треба да не поттикне сите да почнеме да размислуваме каде имаме слаби точки и да преземеме мерки и тоа треба да го направиме заедно со меѓународните партнери, изјави Османи во врска со доделувањето македонско државјанство и пасош на Украинецот Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД.

Османи изрази жалење за тоа што се случи.

-Владата побара внатрешна истрага. Во моментот кога истрагата ќе ги даде своите резултати, мислам дека дефинитивно треба да има последици, подвлече Османи.

Вчера и премиерот Димитар Ковачевски рече дека мора да има одговорност за случајот со издавањето на пасош на Онишченко, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ вината за ова ја гледа кај Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и кај Владата. Во петокот во Собранието, зад затворени врати, реферираше и директорот на АНБ, Виктор Димовски.