Два аспекта на изјавата на Каја Калас во врска со „заморот на европските граѓани од војната во Украина…“
- Зад признанието на Каја Калас дека постои „замор на европските граѓани од војната во Украина“ се отвораат два одговора на две најнепријатни прашања за Брисел. Имено, првото прашање е дали Украина беше (и сѐ уште е) фронт на една прокси-војна помеѓу една асиметрична ЕУ и НАТО против Русија, а второто прашање е колку скапо Европа (сѐ уште) ја плаќа цената на тој конфликт
Изјавата на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, дека „на европските лидери им станува сè потешко да ги убедат граѓаните да продолжат да ја поддржуваат Украина, бидејќи сите се уморни од војната“ е многу повеќе од обично дипломатско признание. Изјавата на Калас претставува момент во кој официјален Брисел, можеби и несвесно, го открива растечкиот јаз меѓу политиката на европските елити и расположението на сопствените граѓани.
Повеќеслојните последици во Европа од војната во Украина се политичко – економска и социјална реалност
Но поважно од самото признание е еден момент потоа, кој го детектираше наш брифер, професор на Воената академија, а потоа за читателите на „Нова Македонија“ и го анализираше.
Имено, наместо споменатиот „замор“ да биде повод за преиспитување на досегашната стратегија на Брисел, Калас порача дека „поддршката за Киев треба да продолжи“. (?!)
– Токму тука се крие и суштината на европската ирационална дилема. Ако граѓаните се уморни, ако економските последици се натрупуваат, а политичката поддршка слабее, тогаш зошто одговорот на Брисел е продолжување на истата политика – се прашува нашиот соговорник, воен аналитичар и професор.
Украина – војна со европски ресурси
Втората димензија на разговорот и анализата е во доменот на геополитиката. Војната во Украина одамна ги надмина рамките на еден билатерален руско-украински конфликт. Украина е непосредниот воен актер, но Брисел веќе и не крие дека зад неа стои широка западна инфраструктура на финансиска, воена, технолошка, разузнавачка и логистичка поддршка.
– Европската Унија обезбедува финансиски средства, оружје и економска помош, додека НАТО-членките ја поддржуваат украинската одбранбена способност со обука, вооружување и други форми на соработка. Во таа смисла, сè потешко е да се игнорира прокси-димензијата на конфликтот. Војна во која Украина ја носи непосредната воена тежина, додека западните центри на моќ обезбедуваат значителен дел од ресурсите и стратегиската поддршка – образложува еден наш соговорник, воен аналитичар и професор на Воената академија во Скопје.
Тој додава дека е јасно дека тоа му дава една нова геостратешка и историска димензија на конфликтот, но истовремено и димензија на историска одговорност на западните сили, кои отсекогаш заеднички војувале во името на демократијата, но прашање е дали и сега е така.
Меѓутоа, тоа не е формално признание дека НАТО војува како организација против Русија, туку е реалност што отвора сериозни прашања за границите меѓу поддршката на една нападната држава и индиректното учество во поширок геополитички судир.
Стратегија без јасен излез
Одговорот на уште едно прашање е можеби најнепријатен за европските политички елити. Имено, што ако досегашната стратегија не ги произведува резултатите што од Брисел беа најавувани?
– Годините на војување, санкции, финансиска помош и воено зајакнување не донесоа политичко решение. Напротив, конфликтот продолжува да бара нови ресурси, нови финансиски обврски и нови политички оправдувања. Брисел односно политиките на ЕК сега се соочуваат со проблемот на долгорочната одржливост на сопствената политика. Колку уште може да се издвојуваат средства за воена и буџетска поддршка на Украина без да се отвори прашањето за домашните приоритети, социјалните програми, инфраструктурата и животниот стандард? Прашањето дали Западот ја губи војната не може да се реши само со политички декларации. Но фактот дека нема јасен и прифатлив завршеток на конфликтот ја прави сè потешка одбраната на стратегијата за негово продолжување – анализира нашиот соговорник.
Европа трпи последици од своите погрешни политики и на домашен терен
Во меѓувреме европските општества се соочуваат со растечки социјални и економски притисоци. Протестите во Франција, Белгија, Италија, Португалија и други земји сведочат за незадоволство од трошоците за живот, социјалните, здравствените и образовните предизвици, ниските примања и притисокот врз јавните услуги. Се разбира, не секој протест е последица на војната во Украина. Ниту може целокупната европска економска криза да се објасни само преку санкциите кон Русија или воените расходи. Но војната и нејзините економски последици се дел од пошироката слика во која граѓаните сè почесто прашуваат за што се трошат јавните пари и чии приоритети ги претставуваат нивните влади. Кога политичките лидери бараат трпение од граѓаните, а истовремено не нудат убедлива перспектива за крај на конфликтот, тогаш заморот престанува да биде само емоционална категорија. Тој станува политички фактор.
Прашањето што Брисел го одложува
Затоа изјавата на Калас треба да се сфати и како своевидно признание за една подлабока криза на европската стратегија, а тоа е кризата на легитимитетот! Европската Унија не може бесконечно да ја третира поддршката за Украина како политика што е надвор од демократската дебата, ниту заморот на сопствените граѓани како пречка што треба само подобро да се претстави. На крајот, прашањето не е дали Европа треба да ја напушти Украина, туку дали нејзината помош може да биде дел од стратегија што води кон преговарачко решение наместо кон неодредено продолжување на војната. Зашто, ако војната нема јасна политичка завршница, ако нејзината цена расте, а јавната поддршка опаѓа, тогаш европските лидери што се наклонети кон милитаристички приод на решавање на конфликтот ќе мора да одговорат на прашањето што сè потешко може да се избегне, а тоа е колку долго Европа може да води политика на продолжување на конфликтот, а да очекува нејзините општества и граѓани бескрајно да ја плаќаат сметката. Можеби токму во тоа е вистинската порака на признанието на Каја Калас. Европа сè уште зборува за некаква истрајност, но нејзините граѓани сè погласно бараат излез. Очигледно, политиките на либералните бриселски елити не се одговор на прашањето на европските граѓани, а уште помалку се политики за одржлив раст, развој и проширување на Унијата. Р.С.
ЕУ под силен стрес дека Вашингтон и Москва ќе ја кројат иднината на Украина и Европа без неа
Брисел во последниот вагон за Абу Даби?!
Брисел е решен да не биде само набљудувач на преговорите за завршување на војната во Украина и со сите дипломатски средства се обидува да обезбеди место на преговарачката маса во Абу Даби, каде што денеска и утре, под американско покровителство, треба да се одржи новата рунда разговори меѓу Украина и Русија. Зад настојувањето на ЕУ да испрати свои високи претставници се крие многу поголем стрес, односно тоа е постојаниот страв, поради маргинализирањето на бриселската елита на глобален план, дека за иднината на европскиот континент ќе одлучуваат Вашингтон и Москва, додека Европа ќе остане пред „свршен чин“.
Според последните информации во германскиот печат, Европската комисија (ЕК) и Европскиот совет (ЕС) испраќаат заеднички тим на високи функционери, предводен од Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лајен, и Ана-Марија Бура, главна советничка за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Според информациите од неколку медиуми, во Абу Даби ќе бидат присутни и претставници на Франција, Германија и Велика Британија, во рамките на форматот Е-3. Така, Европа испраќа две дипломатски линии, институционална и национална, во обид да покаже дека „не може да биде заобиколена“.
Брисел од петни жили се труди да не биде и натаму
маргинализиран
„ЕУ ќе биде присутна заедно со нашите партнери“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таа повторно инсистираше на обновување и зачувување на слободата на пловидба во Црно Море, како и на прекин на огнените дејства со кој би се опфатила и енергетската и прехранбената инфраструктура.
– Зад овие пораки се чита голема европска нервоза. За Германија, Франција и за другите членки на Унијата, исходот од преговорите не е само украинско прашање туку тоа е прашање на европската безбедност, идната архитектура на континентот и кредибилитетот на самата ЕУ како геополитички фактор. Особено е значајно што европските институции претходно најавија подготвеност и за непосредна комуникација со руската делегација. Дали тоа ќе се случи лице в лице во Абу Даби, засега останува неизвесно. Москва, всушност, досега упорно ја отфрлаше можноста европските претставници да седнат на преговарачката маса – вели наш соговорник, адвокат од Берлин.
Мелони: Дипломатски неред во Брисел!
Руската позиција беше недвосмислена уште на крајот од октомври. Советникот на Владимир Путин, Јуриј Ушаков, цинично порача дека европските претставници можат да дојдат во Абу Даби ако сами си купат авионски билети, но дека никој нема да ги покани на преговарачката маса. Ден подоцна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дополнително ја отфрли можноста за учество на ЕУ, обвинувајќи го Брисел дека со својата политика придонесува за продолжување на војната. Дополнителен притисок врз европската дипломатија доаѓа и од самата Унија. Италијанската премиерка Џорџа Мелони испрати остро писмо до Антонио Кошта, предупредувајќи на дипломатскиот „неред“ и барајќи назначување посебен европски пратеник за украинското прашање. Кошта прифатил оваа тема да биде разгледана на неформалниот самит во Даблин, веднаш по разговорите во Абу Даби. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски застана зад иницијативата на Мелони, но испрати и предупредување дека интересите на Источна Европа не смеат да бидат занемарени.
– Последно што сакаме е Западна Европа да преговара со Русија преку главите на Источна Европа – порача тој.
ЕУ е стравотно уплашена од постигнување договор без неа
Особено внимание предизвикува и најавата на американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер дека поширок мултилатерален формат би можел да биде организиран доколку во преговорите се постигне напредок. Тоа остава простор за подоцнежно вклучување на европските партнери, но не и гаранција дека тие ќе имаат влијание врз клучните договори. Токму тука е суштината на европската дипломатска офанзива.
– Либерален Брисел не сака да се најде во позиција да финансира, да вооружува и политички да поддржува Украина, а потоа да добие само улога на потписник на договор што други го подготвиле. Од германска перспектива, ова е и тест за европското единство. Берлин и Париз сакаат Европа да има тежина во мировниот процес, Рим бара појасна дипломатска структура, а Варшава предупредува дека источните членки не смеат да бидат оставени надвор од разговорите за сопствената безбедност. Затоа испраќањето европски претставници во Абу Даби е обид Брисел со сета своја моќ да спречи да стане геополитички статист во најважните преговори на својот континент. Прашањето веќе не е само дали Украина ќе добие мир туку и кој ќе ги поставува условите за тој мир – вели нашиот соговорник, адвокат од Германија и познавач на меѓународните односи. Р.С.
































