Палавите стрип-јунаци повторно на страниците на „Колибри“
Како што ви најавивме, во вашето добро познато катче наменето за стрип, на долниот дел од дванаесеттата страница на „Колибри“, денес се враќаат Влатко и Емче. Овој стрип три години редовно се објавуваше на нашите страници, па по неколкумесечна пауза, додека се дружевте со стрипот „Марсо се враќа“ на м-р Славица Танеска, писателот Владо Јаневски собра и создаде многу нови случки, кои ќе ви ги раскажат вашите омилени ликови.
– Палавковците како отсекогаш да биле тука. Отпрвин се појавуваа за време на кратките паузи, додека бев зафатен со други, „сериозни“ работи. Не беше тоа оној класичен процес на создавање од идеја до стрип – вели Јаневски.
Со оглед на тоа што авторот се вика Владо, а еден од ликовите е Влатко, сакавме да дознаеме дали зад ликот всушност „се крие“ самиот автор.
– Ликовите, всушност, навистина постојат. Единствената разлика е во тоа што во реалниот живот Влатко и Емче се викаат Владо и Еми, не носат пелени и се малку повозрасни. Инаку, сѐ друго е исто. Дури и црниот мачор не е измислен. Во реалниот живот тој се вика Бромо – открива авторот.
Но нас нѐ интересираше уште и кој е процесот на создавање на епизодите од стрипот.
– Процесот е едноставен: на Влатко и/или Емче најпрвин им паѓа нешто на памет. Тоа е доволно за епизодата да започне. Потоа треба да се состави потребниот текст и да се нацрта цртежот. Тоа го правам во движење, бидејќи честопати не сум дома или патувам. И покрај тоа, наоѓам доволно време за стрипот да го цртам со молив, дури и фонтот самиот си го направив, Кога епизодата е подготвена, сето тоа финално го средувам директно на мојот ајпед -раскажува Јаневски.
Тој додава дека во секојдневието оптоварено со секакви грижи, Влатко и Емче проблеснуваат со својата безгрижност и го потсетуваат дека животот има и една поведра страна.
– Интересно е тоа што од Влатко и Емче многу работи сум научил јас, како возрасен човек. Сакам да кажам дека стрипот „Палавковците Влатко и Емче“ не е само за деца туку и за сите оние возрасни во кои детето не престанало да живее и да биде љубопитно. Всушност, токму тоа е она што на сите ни е потребно: детето во нас да не престане да биде љубопитно и да поставува прашања, дури и кога некои ќе речат дека тие прашања се глупави. Во „Палавковците Влатко и Емче“ нема глупави прашања, има само имагинативни, чудни и необични прашања, кои треба да се поставуваат без задршка, наместо да се молчи и да се пропушти можноста да се научи нешто повеќе – посочува Јаневски.
Владо Јаневски е писател, поет, сликар и стрип-автор. Роден е во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Битола, каде што завршил основно и средно образование. Високо образование стекнал во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Честопати патува по светот, престојувал во над осумдесет земји. Автор е на книгите за деца „Луѓето и змејовите“ и „Палавковците Влатко и Емче“ и на истоимениот стрип „Палавковците Влатко и Емче“. Застапен е и во збирките за современи бајки „Детелинки белинки“ и „Нови бајки од Македонија“, како и во збирката раскази „Новогодишни раскажувалки“. Автор е и на седум романи за возрасни, збирки раскази и поезија. Владо Јаневски е добитник на повеќе книжевни награди: „Современи бајки од Македонија“ за две најдобри бајки (2021), „Караманов“ (2026), „Антев златник“ (2025), „Стојан Христов“ (2024), „Скрипт фест“ (2021), „Пегаз“ (2020). Повеќепати бил наградуван и на конкурси за краток расказ. Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво (2024).
Се занимава и со илустрирање и сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји. Ф.Д.
































