Македонскиот туризам во 2026 година: Повеќе туристи, но сѐ уште премалку стратегија

  • Туризмот мора да создава поголема локална вредност. Затоа 2026 година треба да биде година во која ќе преминеме од статистичко броење кон вистинско управување со дестинацијата. Македонија не треба да избира меѓу домашни и странски туристи. Не треба да избира ниту меѓу Турција и другите пазари. Треба да создаде балансиран туристички систем, во кој домашниот турист е стабилна основа, странските пазари се диверзифицирани, а секој регион има своја економски одржлива туристичка приказна

Македонскиот туризам во 2026 година расте, но сè уште не со темпо што треба да нè убеди дека направивме вистински туристички исчекор. Во првите седум месеци имаме 1,5 отсто повеќе туристи, но само 0,5 отсто повеќе ноќевања. Странските туристи се зголемени за 1,3 отсто, а нивните ноќевања за два отсто. На прв поглед позитивно. Но зад овие проценти стои една многу поважна порака: туризмот не може да се развива само со зголемување на бројот на пристигнувања. Особено затоа што домашниот турист продолжува да губи дел од својата улога.
Во 2025 година домашните ноќевања беа намалени за 4,1 отсто, додека во првите седум месеци од 2026 година има дополнително намалување од еден отсто. Во исто време странските ноќевања растат. Тоа треба да биде сериозен сигнал. Не затоа што треба да се определиме за домашни или за странски туристи, туку затоа што здрава туристичка дестинација не смее да зависи од еден извор на побарувачка.
Домашниот турист не смее да биде заборавен, тој е многу повеќе од бројка во статистиката. Тој е оној што може да патува во текот на целата година, да посетува рурални средини, планини, бањи, винарници, културни локалитети и помали туристички места. Тој е важен за локалните ресторани, производители, сместувачки капацитети и семејни бизниси. Затоа намалувањето на домашните ноќевања не треба да го гледаме само како туристички проблем. Тоа е и прашање на локален економски развој.
Ако домашниот турист сè почесто доаѓа само на еднодневна посета, а не останува два или три дена, дестинацијата губи дел од вредноста што можела да биде создадена.
Тука Македонија мора да биде многу поагресивна со креирањето домашни туристички производи – викенд-пакети, рурален и вински туризам, гастрономија, планински активности, културни рути и целогодишни настани. Не можеме постојано да зборуваме за потенцијалот на домашниот туризам, а истовремено да не создадеме доволно причини домашниот турист да остане подолго.

Македонија не е само Охрид и Скопје!

Втората слабост е регионалната концентрација. Најновите целосни регионални податоци покажуваат дека туристичката активност е силно концентрирана. Во 2024 година Југозападниот Регион реализирал повеќе од половина од домашните ноќевања, додека Скопскиот Регион е особено значаен за странскиот туризам. Тоа не е проблем само по себе. Проблем е кога туристичкиот развој на една држава зависи од ограничен број дестинациски центри. Македонија има осум статистички региони, но туристичкиот развој сè уште не е рамномерно распределен.
Источна Македонија, Пелагонија, Полог, Вардарскиот и Североисточниот Регион мора да престанат да бидат само „потенцијал“. Тие мора да станат производ.
Тоа значи јасно дефинирани туристички рути, локални приказни, инфраструктура, сигнализација, дигитална промоција, обучени луѓе и професионално управување со дестинацијата. Ресурсот не е туристички производ. Производ станува тогаш кога туристот има причина да дојде, да остане, да потроши и повторно да се врати.

Турскиот пазар – успех, но и предупредување

Има уште една тема за која мора отворено да зборуваме. Турскиот пазар е исклучително важен за македонскиот туризам. Но токму затоа треба да внимаваме да не создадеме прекумерна зависност од еден странски пазар. Во јули 2026 година во Македонија пристигнале 50.955 туристи од Турција. За споредба, Србија имала 13.074, Германија 5.393, а Романија 5.090 туристи. Турција е убедливо најголемиот изворен пазар во овој месец. Ова не е нова појава. Турција беше убедливо најголем странски изворен пазар и во 2024 година.
Ова е успех што треба да се негува. Но, истовремено, секој туристички стратег мора да постави едно прашање: што ако еден ден тој пазар забави?
Промена на економските услови, авионските врски, потрошувачките навики, геополитичките односи или туристичките трендови може да влијае врз секој пазар. Затоа не станува збор за намалување на значењето на турскиот турист. Напротив – станува збор за диверзификација. Германија, Србија, Романија, Бугарија, Полска, Холандија, Велика Британија, Италија и други пазари треба да имаат своја конкретна туристичка понуда. Не ни треба една кампања за сите. На германскиот пазар не се продава истото тоа што се продава во Турција. На полскиот турист не му се пласира истата приказна како на турист од Србија.
Современиот туризам е таргетиран, сегментиран и управуван со податоци. Не ни треба само промоција. Ни треба управување.
Тука се враќаме на најголемиот проблем. Македонија има туристички ресурси. Охрид, Скопје, Маврово, Пелистер, Крушево, вински региони, манастири, гастрономија, рурални средини и културно наследство. Но прашањето повеќе не е што имаме. Прашањето е како управуваме со тоа што го имаме.

Потребен ни е силен дестинациски менаџмент

Секоја поголема туристичка област треба да има јасна стратегија: кој е нашиот турист, што му нудиме, колку сакаме да остане, колку сакаме да потроши и како ќе го мотивираме да се врати. Потребни се локални дестинациски организации, подобра поврзаност меѓу јавниот и приватниот сектор и многу поголема употреба на туристички податоци при носењето одлуки. Потребна е и подобра инфраструктура – од пристап до атракциите и туристичка сигнализација до јавен транспорт, чистота, дигитална достапност и квалитет на услугата.
И, пред сè, потребни се луѓе. Без професионални туристички менаџери, водичи, угостители, локални производители, дигитални маркетери и претприемачи, ниту една стратегија нема да стане туристичка реалност. Време е да престанеме да го мериме туризмот само со бројката на туристи!
Најважната промена мора да биде во начинот на кој размислуваме. Не е доволно да кажеме дека имаме повеќе туристи. Треба да знаеме: колку остануваат, колку трошат, каде трошат, што посетуваат и дали повторно се враќаат.
Туризмот мора да создава поголема локална вредност. Затоа 2026 година треба да биде година во која ќе преминеме од статистичко броење кон вистинско управување со дестинацијата. Македонија не треба да избира меѓу домашни и странски туристи. Не треба да избира ниту меѓу Турција и другите пазари. Треба да создаде балансиран туристички систем, во кој домашниот турист е стабилна основа, странските пазари се диверзифицирани, а секој регион има своја економски одржлива туристичка приказна. Затоа најголемото прашање за македонскиот туризам во 2026 година не е дали имаме раст.
Имаме раст. Прашањето е дали знаеме како тој раст да го претвориме во долгорочна вредност. Македонија има туристи. Има ресурси. Има потенцијал. Она што сè уште мора да го изгради е систем што ќе знае како од сето тоа да создаде конкурентна дестинација.

Доц. д-р Љупчо Јаневски