Детските теми и дилеми преточени во песна
Нови петнаесет музички рефрени испеани од детските таленти ќе прозвучат на сцената на Македонскиот народен театар на 14 и 21 ноември од 10, од 14 и од 17 часот, на првиот македонски детски фестивал „Златно славејче“.
Годинава на фестивалот ќе бидат изведени нови композиции, напишани од врвни мајстори на детската песна и познавачи на детската психологија. Како и секоја година, така и оваа се очекува врвулица од дечиња и родители на фестивалот, кој е хит на секое детство.
– И годинава се подготвени петнаесетина музички рефрени за деца од сите возрасни групи. Текстовите на песните, како и секогаш, се приспособени на детската возраст, а годинава на фестивалот се пее за секојдневните детски теми и дилеми, но и за другарството, ролерките, мама и тато, облачињата, хероите, бесните глисти, првачињата, Дедо Мраз, математичките форми, буквата М… -велат организаторите.
Зад песните стојат проверени авторски имиња, како Александар Митевски, Огнен Неделковски, Владимир Дојчиновски, Драган Спасов-Дац, Ристо Самарџиев, Цане Петров, Борчо Димитровски, Златко Попчевски, Весна Валенте, Марјан Атанасовски, Љупчо Ќурчиевски, Соња Кирковска, Ана Карајанова Димитрушева и други. Сите песни се снимени во студиото „Ентерпрајз“ („Enterprise“) на продуцентот Валентино Скендеровски.
Годинава хорот на „Златно славејче“ ќе ги придружува солистите Миа Кокановска, Илина Милошевска, Аксел Белковски, Теодора Димишковска, Бојана Јосифовска, Ина Поцевска, Бојана Бошковска, Ева Петков, Тома Бошковски, Tea Апостоловски, Бисера Сотироска, Нина Димчева, Амелија и Дена Самак, Ника Трифуновска и Мила Богдановска.
Организатор на фестивалот е Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Извршен директор е Бобан Јосифовски, раководител на хорот е Катерина Баталаковска, а кореографијата е дело на Виолета Бајрам. Ф.Д.
































