Владата на денешната 108. седница, на предлог на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, го разгледа и прифати Извештајот за извршени преговори за склучување на Спогодбата за соработка меѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортна стоки меѓу двете земји.
– Разгледан е и прифатен и усогласениот текст на Спогодбата. Се работи, според посоченото од страна на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, за реализација на усвоен заклучок на последната заедничка седница помеѓу владите на двете држави, според којшто, на Република Северна Македонија и се доделува бесплатен пристап до дел од пристаниште, Порто Романо во Драч, а следствено на тоа, нашата држава ќе изгради суво пристаниште во Струга – информираат од Владата.
Од владината прес-служба посочуваат дека целта на соработката е подобрување на инфраструктурното поврзување, ефикасноста на транспортот за транзитни товари меѓу трговски пристаништа во Албанија и Македонија и безбедност на мрежата за снабдување во регионот.