Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет на Македонија. Како единствен предлог, таа на денешната седница беше изгласана со десет гласа „за“ и еден „против“.
Изборот на Дамева, доаѓа откако Павлина Црвенковска минатата недела, на неколку месеци од истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседател на Судски совет.
По гласањето Лорета Георгиева, член на Судскиот совет побара гласањето да биде јавно со кревање на рака. По повторување на процесот на гласање резултатот повторно беше ист. Десет гласа „за“ и само еден „против“ (Лорета Георгиева) за изборот на Дамева за претседател на Судскиот совет.
Функцијата претседател на Судски совет се избира со мандат од две години од редот на членови на советот, кои се избираат од Собранието.
Членот на Судскиот совет на Зоран Герасимоски поднел неотповиклива оставка од функцијата в.д. директор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Герасимовски, ова го соопшти на почетокот на денешната седница на Судскиот совет, на чиј дневен ред е избор на претседател на Судскиот совет и се иззема од гласањето за избор на нов претседател.
– Едногласно бев избран за в.д директор на Академијата, до избор на директор што ќе се случи во среда, а со цел да не дојде до застој на работите во Академијата. Согласно упатствата на ДКСК дека со мојот избор има судир на интереси денеска ја доставив мојата неотповиклива оставка од функцијата – изјави Герасимоски.
Со цел да не се наруши угледот на функцијата, Герасимоски посочи дека оставката е неотповиклива.