фото: Пикселс

Деновиве многу елементи открија колку потфрли системот, но и колку грижата на институциите и улогата на семејството се загубени во делот од воспитувањето на децата и младите. Тој многугодишен пропуст се наталожуваше во општеството и сега со сета своја силина избива на површина, а јавноста е вчудовидена од облиците и силината на насилството меѓу младите. Интересот на јавноста со право е насочен кон оваа девијантна општествена појава, а се поставува прашањето каде води сето ова, кога токму од тие млади луѓе во блиска иднина се очекува да бидат носители на општествените текови

НАСИЛНИЦИТЕ ДА НЕ ОСТАНАТ НЕОТКРИЕНИ И НЕСАНКЦИОНИРАНИ ПОРАДИ СТАВОТ НА ЖРТВАТА ДЕКА АКО ПРИЈАВИ, РАБОТИТЕ УШТЕ ПОВЕЌЕ ЌЕ СЕ ВЛОШАТ

Меѓуврсничкото насилство како никогаш досега е во подем. Поразувачките податоци и секојдневните информации во медиумите и во полициските билтени покажуваат дека итно мора да се преземе нешто. Низа истражувања утврдуваат факти дека младите сѐ повеќе меѓусебно се вознемируваат, малтретираат и покажуваат сила. Непосредното окружување (училиштето, семејството, маалото, па и другите институции во чија надлежност и интерес се младите и нивниот развој) е немоќно или инертно на тенденциите за демонстрирање насилство меѓу младите, нивни асоцијални и антисоцијални поведенија, врсничко насилство… Многу елементи откриваат колку е неефикасен системот, но и колку грижата на институциите и улогата на семејството се загубени во делот од воспитување на децата и младите. Тој многугодишен пропуст се наталожуваше во општеството и сега со сета своја силина избива на површина, а јавноста е вчудовидена од облиците и силината на насилството меѓу младите. Интересот на јавноста со право е насочен кон оваа девијантна општествена појава и се поставува прашањето каде води сето ова, кога токму од тие млади луѓе во блиска иднина се очекува да бидат носители на општествените текови?

Цела Македонија сега е на нозе, а одамна можеше да се спречи тоа

Случајот што ја потресе цела Македонија сѐ уште чека разврска. Четиринаесетгодишно момче од основното општинско училиште „Даме Груев“ од Градско, инаку првенец на генерација, доживувало брутално насилство од свои соученици. Деветтоодделенецот бил влечен за долната облека од страна на неговите врсници. Последниот пат долната облека му била искината, а имал и гребаници по телото. По инцидентот, момчето одлучило да ги извести своите родители за тоа што се случило, по што тие го пријавиле случајот во полиција. За жал, момчето повеќе од три недели не посетува настава и не сака повеќе да оди на училиште од страв повторно да не биде омаловажено и повредено.
Инцидентот се случил двапати, еднаш на четврти и еднаш на 11 ноември, а сведоштвото на таткото на момчето е многу потресно.
Според него, неговиот син морал да седи наведнат на часовите за да не им го попречува видикот на двајцата насилници, за што добивал и фиски по главата, а често му го уништувале и училишниот прибор и му го фрлале преку прозорецот.
Откако таткото го пријавил инцидентот прво во училиштето, а потоа до сите институции, како МВР и Центарот за социјални работи, бил информиран дека насилниците ќе бидат преместени во друго училиште, но наместо тоа, тие само биле префрлени во друга училница, која, за да биде иронијата поголема, била лоцирана во непосредна близина на училницата каде што посетува настава жртвата.
Според информациите, надлежните работат на расчистување на случајот, а Основното јавно обвинителство во Велес веќе оформило предмет и во тек е предистражна постапка.
Градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, ја информира јавноста дека ја разрешил директорката на училиштето и побара од сите надлежни институции да го расветлат случајот.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Секоја злоупотреба и секое насилство на дете треба да се пријавуваат во центрите за социјална заштита. Се преземаат мерки од страна на социјалните работници. Ќе се испита случајот и по известувањето за случајот ќе се преземат понатамошни мерки – рече Тренчевска.

Едуцирање за негативните општествени појави и воспитување пред сѐ!

Психологијата е комплексна наука, таа, меѓу другото, го изучува и девијантното однесување на насилниците, но и однесувањето на жртвите.
Според експертите, многу е тешко да се одреди дали едно дете е жртва на врсничко насилство или не. Сепак, постојат одредени параметри според кои родителите, кои впрочем најдобро ги познаваат своите деца, многу лесно можат да утврдат дали нивните деца се жртви на меѓуврсничко насилство.
– Ако ништо друго, родителите можат да ги научат своите деца дека насилството не е во ред, а ако им се случува насилство, тоа секогаш да го пријавуваат, без разлика дали станува збор за наставник, училишен психолог или родител – сметаат експертите што се занимаваат со психологија.
Според психологот Лиза Елиот, најчестите знаци се: детето не сака да оди на училиште или често запаѓа во неволја за време на часот, одеднаш добива многу полоши оценки, престанува да зборува за врсниците и училишните активности, губи интерес за активности, се појавуваат т.н. нарушувања на сонот, повлекување и желба за осаменост, поплаки за болка или болест, избегнување контакт со очите, емоционални манифестации (изгледа тажно, луто или раздразливо, дејствува плашливо, станува нерасположено, вознемирено или агресивно) и социјални манифестации (се повлекува во себе, се менува пријатели, доаѓа до самоповредување, се заканува со насилство врз себе или кон другите, зборува за бегство или самоубиство, одеднаш престанува да користи компјутер или други мобилни уреди).
Секоја од овие промени, како што објаснува Елиот, е предупредувачки знак и потребно е да се реагира за да се открие која е вистинската причина за таквото необично однесување.
– Поттикнувањето на емпатијата мора да биде прв приоритет во воспитувањето на децата. Фокусирањето на потребите и чувствата на другите ќе придонесе за целокупната среќа на детето, но ќе помогне и да се справи со можното насилство. Родителите треба отворено да разговараат со своите деца за малтретирањето, поставувајќи прашања како: Дали некогаш си бил малтретиран? Како се чувствуваше поради тоа? Исто така, не е лоша идеја да играте улоги и да го прашате детето како би се чувствувало кога би доживеало некакво насилство – вели тој.
Според него, важно е секој родител да го научи своето дете на емпатија и љубезност, бидејќи децата природно се раѓаат со одредена доза емпатија. Тие не знаат да бидат злобни. Она што се менува со текот на времето се нештата на кои децата се најмногу изложени и она што го гледаат кај луѓето околу себе.
– Родителите треба да разберат дека, со оглед на нашата култура, повеќето деца, за жал, ќе се однесуваат насилно, бидејќи таквото однесување е обликувано од денешните содржини на телевизија, интернет и социјалните мрежи. Пандемијата само го влоши проблемот со злоупотреба. Коронавирусот, изолацијата и зголемената употреба на социјалните медиуми дефинитивно имаа влијание врз малтретирањето, а бројот на инциденти низ светот значително се зголеми – објаснува психологот.
Затоа, уште еднаш „здраво да се размисли за заздравување на системските пропусти“, и во образованието и во воспитувањето на младите. Двата споменати столба не попусто се споменати во пакет, тие се интегрални и единствени: воспитување плус образование! Тоа се клучните темелни вредности во развојот на децата и младите во здрави и зрели личности на кои може да се потпрат и општеството и државата. Реформата во образованието, со внесување многу иновации во делот од етичкото и моралното однесување, почитување на вистинските и универзални вредности, воспитување и развој на семејните вредности, би била првиот исчекор за превенирање од понатамошно продлабочување на девијантните појави кај младите! Но за да тргнат нештата во вистинска насока, мора да се исчекори!


Над 60 отсто од учениците потврдуваат дека насилството е постојано присутно во училиштата

Аналитичкиот центар „Аналитика“, во почетокот на годинава, спроведе квантитативно истражување со учениците од три средни училишта на територијата на градот Скопје, „Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф“, на репрезентативен примерок од 305 ученици со мешан етнички состав. Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Развој на култура на мир и превенција од насилство, како основни вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија“, кој го спроведува „Аналитика“ – Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Македонија.
Резултатите од истражувањето се поразувачки.
Дури 62,7 отсто од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознава физичкото насилство, кое во голема мера е највидливо, понатаму, според учениците, во висок процент се присутни психичкото и сајбер-насилството. Високи 70 проценти од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но не го пријавуваат од многу причини, меѓу кои е и незнаењето кому да му го пријават или како да го пријават, а да останат анонимни.
На прашањето „Дали сметате дека наставниците посветуваат доволно време за едукација на учениците за превенција и справување со насилството“, висок процент, односно 82,3 отсто од учениците одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.
Речиси во сите училишта постои кодекс на однесување, како и кодекс за постапување при насилство. Но, сепак, кодексот не е препознаен или не им е презентиран на учениците на начинот на кој би требало.
– Кај 43 проценти од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето безбедна училишна средина- се наведува во истражувањето.

[email protected]