Петровска и Агелер на вежба со хеликоптери „Блек Хок“ на „Криволак“
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“, каде се изведе вежба со хеликоптери од типот „Блек Хок“ на копнените сили на САД, поддржани од припадници на Армијата на Македонијa.
Министерката Петровска изрази задоволство што во изминатиот период полигонот Криволак се користи од страна на армиите на сојузничките земји и партнери, со што се покажува дека секоја инвестиција која што е направена во полигонот е оправдана.
– Денес заедно со амбасадорката Агелер сме дел од активностите кои се составен дел на обуката за блиска воздушна поддршка со воздухопловите „Блек Хок“. Минатата година за само шест месеци одржани се 10 повеќедневни вежбовни активности на сојузничките армии и на партнерите од НАТО, а нашата Армија се разбира секој месец по неколку пати во текот на месецот ги извршува своите редовни вежбовни активности, меѓутоа и обуките на нашите припадници. Ова покажува дека секоја инвестиција која што е направена во тренинг центарот Криволак е оправдана и затоа сакам особена благодарност да изразам и до нашите партнери. Сојузништвото всушност е токму и тоа, грижа и поддршка едни со други – истакна Петровска.
Петровска се заблагодари за поддршката од САД која се гледа и низ бројки – само во последната година САД ја поддржаа македонската одбрана со 137 милиони долари, наменети за проектите за модернизација и опремување на Армијата.
Американската амбасадорка Агелер подвлече дека Криволак е полигон за обука од светска класа кој нуди одлични услови за извежбување и дека ваквиот тип на обуки исто така ја покажуваат и потврдуваат силата на соработката и партнерството помеѓу САД и Македонија.
– Денеска се хеликоптерите од типот „Блек Хок“ минатата недела беа воздухопловите Ф-18. Секојдневно работиме заедно и развиваме нови начини за соработка, развој на интероперабилноста и зацврстување на безбедноста. Ние ќе продолжиме да помагаме во развојот на овој полигон со цел заеднички со сојузниците да реализираме уште повеќе вежби и обуки – рече Агелер.
Обуката за блиска воздушна поддршка со воздухоплов од Копнените сили на САД се реализира во периодот од 5 до 11 март и вклучува два американски хеликоптери „Блек Хок“.