Утре се навршуваат 119 години од смртта на војводата Јордан Сиљанов Пиперката, кој загинал во близина на село Цер а по негова желба бил погребан на ритчето во месноста Черешна над село Велмевци, од каде како на дланка можел да го гледа Суво Поле и Демирхисарско, региони и каде што најмногу бил активен.
По тој повод ќе биде посетен гробот на Пиперката од страна на почитувачи на војводата и Илинденската епопеја од Кичево и Демир Хисар.Јордан Сиљанов-Пиперката е роден 1870 година во село Козица Кичевско, а загинал на утрешен ден во 1903 година во село Цер.
-Јордан Пиперката е надалеку познат македонски револуционер од почетокот на 20-от век. Тој во годините додека бил жив претставувал страв и трепет за непријателот и при самиот помен на неговото име, крвта се замрзнувала кај непријателот. Секогаш кога ќе се спомне името на Јордан Пиперката првата помисла е храброста и одважноста на Јордан и љубовта кон својата татковина. Патриотскиот дух во Пиперката преовладувал во сите години додека бил жив а нам ни останува секогаш со посебна почит да го споменуваме името на големиот војвода – истакна Станоја Станојоски жител на село Козица и голем почитувач на животот и делото на Јордан Сиљанов-Пиперката.
Како и лани и годинава во месноста Черешна покрај што ќе бидат положени букети свежо цвеќе од страна на ЕЛС Демир Хисар, ќе има обраќање на претставник на општината а во текот на денот свежо цвеќе ќе биде пололожено и на спомен плочата поставена на куќата–кула во село Брезово.
З.А.