„Конечно, постигнат е напредок за гарантирање на правата на Бугарите во РСМ“, одговори бугарскиот претседател Румен Радев на прашање на бугарски медиум околу постигнатиот договор за уставните измени во Владата во Скопје.
-Ова е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последен. Исклучително е важно да се исполнат барањата во двата потпишани протоколи од преговарачката рамка. Конечно се придвижи прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во РСМ – коментирал Радев, пренесува „БТА“.
Шефот на бугарската држава посочил дека само партијата „Има таков народ“ ја поддржала неговата идеја дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде задолжителен услов за нашата земја да ги започне преговорите за ЕУ.
Радев изразил загриженост поради тоа што бугарскиот Парламент и Влада не реагирале на резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг за поддршка на европскиот пат на Македонија, па како што кажал, морал да испрати писмо до европските лидери во кое инсистирал на бугарскиот став.
Според него, власта треба да вложи напори за следните чекори – јазикот на омразата, медиумите, учебниците, натписите во музеите, рехабилитацијата на репресираните итн.