Фото: МИА

Лекот „Трикафта“ за цистична фиброза пристигна во Универзитетската клиника за детски болести, соопшти денеска министерот за здравство Фатмир Меџети.

Во соработка со другите институции, како што појасни тој, решено е најгорливото прашање на оваа категорија пациенти.

– Очекуваме со оваа терапија значително да се подобри квалитетот на животот на пациентите со цистична фиброза – нагласи министерот.

Тој повтори дека пациентите се во фокусот на нивната заложба како Министерство за здравство.

Министерот појасни оти во соработка со премиерот Димитар Ковачевски се бара решение и за останатите засегнати со оваа дијагноза.

Директорката на Клиниката за детски болести, Стојка Фуштиќ рече дека лекот е пристигнат утрово и веќе се примаат пациенти кои треба да започнат со терапија.

– На Клиниката примаме шест пациенти, а два ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Од осумте пациенти, два се во навистина критична состојба. Седум пациенти се над 18 години, а еден пациент е дете. Добивме нешто пониска цена од предвидената, од онаа јавно објавена. Дадовме барање до Фондот за здравство, дополнително во рамките на истиот буџет, да бидат вклучени уште четири пациенти. Станува збор за годишна терапија, еднаш месечно ќе им даваме таблетарна терапија – појасни таа.