Фото: Архива

Предупредување на Европол

Празниците секогаш се период кога се купуваат играчки за најмалите. А јануари е месец полн со празници, кога децата не добиваат подароци само од родителите туку и од блиските роднини и пријатели. Токму затоа Европол излезе со предупредување поврзано со купувањето и подарувањето детски играчки. Во апелот се вели дека возрасните треба посебно да бидат внимателни кога купуваат играчки, како и да обрнат внимание на тоа како да ги распознаваат фалсификуваните играчки за деца. Некои од играчките се очигледно супстандардни, а за некои треба да се обрне посебно внимание бидејќи се небезбедни, па дури и опасно токсични

Новогодишните и божиќните празници секогаш се одбележуваат со подароци за најмладите. Најчесто, родителите се тие што за Нова година се „дедомразовци“, па купуваат играчки за кои вообичаено мечтаат децата. Но криминалот допира и до оваа сфера на живеењето. Имено, нема родител што на своето дете не сака да му ја купи посакуваната играчка, а криминалците токму таа ситуација и ја искористуваат. Преку производството на фалсификувани играчки, кои се продаваат по поевтини и пристапни цени за родителите, криминалните организации заработуваат огромни суми, кои потоа ги користат за низа други криминални активности.

ЕВРОПОЛ СО ИНСТРУКЦИИ
ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ ФАЛСИФИКАТИ

Празниците секогаш се период кога се купуваат играчки за најмалите. Јануари е месец кога децата не добиваат подароци само од родителите туку и од блиските роднини и пријатели, па токму затоа Европол излезе со предупредување до возрасните посебно да бидат внимателни кога купуваат играчки, како и да обрнат внимание на тоа како да ги распознаваат фалсификуваните играчки за деца.
Супстандардните, недозволени играчки, вклучувајќи ги и оние што се небезбедни, па дури и токсични, претставуваат опасност на нашите пазари и домови и ги изложуваат нашите деца на неконтролирани здравствени ризици.
Овие ризици вклучуваат електрични шокови и изгореници, опасност од задушување, како и токсичност.
Токму затоа Европол препорачува, родителите посебно да бидат внимателни кога купуваат играчки, истите тие да бидат купени од доверливи продавници.
– Ако купувате од трговци на мало што се реномирани и долгогодишни, ќе биде полесно да ги повикате на одговорност и да ги следите доколку има проблем со вашето купување. Нелегалните продавачи на играчки често привремено се лоцираат на премини или јавни места, како што се надвор од железничките станици, пазари или на тротоари. Избегнувајте да купувате од сомнителни продавачи на овие необични места – предупредуваат од Европол.
Оттаму додаваат дека е потребно да се проверат и прегледаат производите на интернет, каде што секој може да прочита позитивни или негативни коментари за играчките.
– Проверете ги критиките за производите: понекогаш, позитивните критики се всушност лажни, затоа погрижете се да проверите и зошто луѓето што дале лоши критики не се задоволни. Можеби ќе сакате да ги проверите критиките на другите производи што продавачот ги продал – дали некој од нив споменува проблеми со безбедноста? – велат оттаму.

ИНТЕРНЕТ-ПАЗАРОТ Е НЕБЕЗБЕДЕН

Од Европол велат дека е потребно како купувачи секогаш да знаете од кого купувате.
– Кога сте на онлајн пазар, веројатно купувате од продавач на трета страна, која би требала да спомене од каде ѝ се набавени производите, но тоа речиси никогаш не е јасно наведено. Можете да кликнете на тој линк за да видите што друго продаваат и какви оцени им дале потрошувачите – информираат оттаму.
Нагласуваат дека ако цената е премногу добра за да биде вистинита, веројатно нешто не е како што треба. Во овој случај, купувачот треба да знае дека големите попусти на цените, можат да бидат показател дека играчките се фалсификувани.

СЕКОГАШ ДА СЕ ПОГЛЕДНЕ ОЗНАКАТА

Ознаката „CE“ или на македонски „ЦЕ“ е задолжителна за проверените и безбедни детски играчки.
Покрај оваа ознака, потребно е доколку играчката содржи електроника да има етикета за електрична безбедност, возрасна граница, земја и адреса на потекло, препораки од ЕУ, знак за предупредување, како и безбедносни упатства.
– На пример, отсуството на пакување, известување или играчка продадена во проѕирно пластично ќесе (без никаква етикета/индикации) е индикатор за ризик. Вообичаеното погрешно означување вклучува и погрешно напишано име на брендот, други правописни грешки, повеќе бар-кодови, преценета возрасна оценка (на пр. означува 0-5 наместо 0-3), името на производот и брендот во огласот и на фотографиите се различни – информираат од Европол.
Па така, според нив, ако играчката е од познат бренд или е една од најпродаваните годинашни, потребно е да се провери дали логото, името и играчката се совпаѓаат со рекламите што вообичаено се објавуваат на друго место.
Оттаму додаваат дека пакувањето со низок квалитет само во пластично ќесе, најверојатно е фалсификувано. Оние играчки што се купуваат спакувани во кутии за кои играчката е прицврстена со жици е оригинално пакување, но секогаш пакувањето добро треба да се уништи кога ќе се фрли, за фалсификаторите да не ги искористат за да пакуваат фалсификати во нив.

И МАКЕДОНИЈА ЦЕЛ НА ФАЛСИФИКУВАНИ ИГРАЧКИ

Евтини играчки се продаваат и во земјава. Пазарите, маркетите, локалните продавници се преполни со евтини детски играчки. Некои од нив кога ќе ги отворите мирисаат на хемикалии, други пуштаат боја, трети немаат никаков доказ за потеклото ниту, пак, сертификати за составот, препорачана возраст и слично. Според достапните информации, кај нас се продавале и играчки штетни за детското здравје, бидејќи биле преполни со штетни хемикалии.
На нашиот пазар сѐ уште се продава познатата детска играчка „шлајм“, по цена од педесет денари, па речиси нема дете што ја нема оваа популарна играчка во своите раце. Истражувањата покажаа дека „шлајмот“ содржи енормно високи количества бор, односно дури четири пати поголема концентрација на оваа хемикалија од дозволеното според европскиот стандард. Борот е опасна хемикалија, која може да предизвика иритации на нежната детска кожа, дијареја, главоболка, повраќање, депресија, а може да предизвика штета и на бебе во утробата на мајката.


Играчки опасни за децата

Сите играчки што се купуваат за најмладите можат да претставуваат опасност по животот на детето. Токму затоа е потребно од нив да се отстранат сите мали делови што се одвојуваат од нив, а кои може да се проголтаат, како што се мали магнети. Потребно е да се отстранат долги жици, панделки и врвки за влечење (сето тоа е опасност од задушување). Исто така треба да се отстранат батериите со низок квалитет / батерии што се продаваат по цена многу пониска од пазарната цена, а кои се опасност од горење. Доколку една играчка нема завртки во преградата за батерии, може да предизвика струен удар кај децата.