Фото: Игор Бансколиев

ПАНДЕМИЈАТА ДЕМНЕ ВО ПЕРИОДОТ НА ПРАЗНИЦИТЕ

Според психолозите, ситуацијата во која се наоѓаме и веќе две години прославуваме Божиќ и Нова година под опсада од коронавирусот има многу карактеристики на кризна ситуација. Како најдобро да се справиме со ваквата состојба

Поголемата раздвиженост пред и за време на празнувањето на Нова година, Божиќ, домашните слави, но и патување во странство за празниците се реална опасност и носат голем ризик од ширење на новиот омикрон-сој на корона-вирусот, а за тоа одговорност носи секој поединец.
Докторот Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести објаснува дека коронавирусот, особено изразен во неговиот нов сој, со сигурност ќе ги наполни болниците во земјата по Нова година.
– Она што може да се направи во овие околности е да се придржуваме кон препораките што се во сила од почетокот на пандемијата, а кои, за жал, во суштина не се практикуваат доследно секаде – вели Стојанов.

Докторот објаснува дека Македонија досега имаше искуство за ефектот на ковид од новогодишните празници, а тоа искуство не беше добро по здравјето на луѓето.
– Советувам да се избегнуваат масовни собири. Нова година да се прослави во семејна атмосфера или во ресторани каде што има и простор, но и по една слободна маса во опкружувањето на гостите. Најопасно ќе биде ако има прослави во кафе-баровите и во дискотеките каде што се одржуваат концертите. Таму, според нашите искуства, вирусот се шири многу бргу, бидејќи гостите стојат буквално еден до друг и си дишат во лице – вели Стојанов.

Според него, балансот меѓу здравјето и прославувањето на празниците е одговорност на лицата што, освен за своето здравје во овие празнични времиња треба да внимаваат и за здравјето на нивните ближни.

– Да се вакциниравме сите и што е можно помасовно, сега во овие празници ќе влезевме по безгрижно, но тоа, за жал, не се случи. Вакцината е единствен пријател што го имаме во овие состојби, но таа, за жал, нема максимален ефект и затоа е потребно повеќепати да се вакцинираат луѓето. Во Израел веќе започнува и вакцинација на граѓаните со четврта доза, а во Македонија луѓето одбиваат да се вакцинираат, особено помладите каде што стапката на вакцинација е 22 проценти – вели докторот.

Тој советува да внимаваме на прославите и да не се опуштаме во непочитувањето на постојните здравствени протоколи.

Докторот Мартин Јовановски вели дека сѐ уште не знаеме во кој обем и на каков начин врз здравствениот систем ќе се одразат ефектите од омикронот во Македонија. Тој смета дека во моментов мерките што се на сила се доволни, но треба да се подразмисли дали ќе се оди во насока да се ограничи и начинот на кој луѓето се организираат за прославите во затворено.

– Во претстојниот период, секако, треба да се размислува на кој начин ќе се вршат прославите. Во суштина, теренската контрола на угостителските објекти мислам дека е слаба, а сведоци сме дека по повод новогодишните прослави луѓето започнаа да ги полнат рестораните и кафеаните и над дозволените граници. Дополнително, сметам дека го пропуштивме возот кога можевме преку едукација да ги убедиме граѓаните да се вакцинираат. Уште пред да стигнат вакцините кај нас требаше да се води централизирана државна кампања и да не се остави каква било шпекулација за неефикасност и небезбедност на вакцините. Вака сите теории на заговор добија замав, а здравството допрва ќе го почувствува ефектот на омикронот – заклучува доктор Јовановски.

Психијатарот Марија Наумовска вели дека психичкото здравје е пресудно ако сакаме одговорно да ги прославиме новогодишните и божиќни празници во Македонија.
– Во ненормални времиња во кои живееме, пресудно е да се однесуваме нормално бидејќи сите чувства во нас константно се менуваат од еуфорија за прослава, па сѐ до страв од зараза или не дај боже смрт – вели таа.

Психијатарот објаснува дека бројот на лица што имаат потреба од психолошка помош е во постојан пораст.

– Ефектите од пандемијата врз менталното здравје особено со новите соеви, кои бргу се шират и заразуваат масовно, во Македонија ќе бидат долгорочни и со трајни последици – вели таа.

Наумовска објаснува дека ситуацијата во која се наоѓаме и веќе две години прославуваме Божиќ и Нова година е предизвикана од пандемијата, која има многу карактеристики на кризна ситуација.

– Кризни ситуации се оние ситуации кога сме соочени со опасност со која за првпат се соочуваме и која не можеме да ја решиме со познатите начини на решавање. Кризните ситуации кај луѓето често можат да предизвикаат силни емоции и реакции со кои понекогаш тешко можат сами да се носат: чувство на збунетост, страв, паника, неверување, лутина, беспомошност. Ова го нарекуваме психолошка криза, состојба што се јавува по долготрајна изложеност на кризна ситуација. Во текот на кризните ситуации, луѓето се под висок степен на стрес, при што причинителите на тој стрес, т.н. стресори, можат да доведат до различни последици, кои се детерминирани од сложената интеракција на различни фактори: структурата на личноста, начините на соочување и справување со стресот, уверувањата за природата на стресорот, сликата за себе, оптимизмот или песимизмот на личноста и степенот на социјална поддршка, која ја доживуваме во текот на психолошката криза. Како и да е, сите сме погодени на еден или друг начин – вели таа.

Скопскиот угостителски работник Тони Петковски вели дека пандемијата со вирусот е најлошото нешто што се случило во поново време во кое, освен што се изгубија животите многу бизниси се на удар, особено оние како рестораните и кафе-баровите.
– Состојбата е тешка и на сите ни е јасно. Ние мора да работиме за да преживееме, но во исто време и да внимаваме на ковид, бидејќи така ќе можеме да ги угостиме гостите, но и да создадеме навика дека мораме да живееме со пандемијата и во нашата бранша – вели Петковски.

[email protected]