Фото: Емил Јовановиќ

Владејачката партија СДСМ бара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни како е поврзан со претседателот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.

Од СДСМ прашуваат дали Мицкоски и претседателот на клубот ги поврзува само членството во ВМРО-ДПМНЕ или има и нешто друго?

-Лицемерниот Мицкоски да не бега туку да ги објасни сликите и да каже во какви релации е со претседателот на бугарскиот клуб. Дали ги поврзува само членството во ВМРО-ДПМНЕ или има и нешто друго?
ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е иделошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров. СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на вистинската страна на историјата – наведуваат од СДСМ во партиско соопштение.

Од опозициската партија велат дека, ако владејачката партија е „против фашистичкиот клуб Цар Борис, зошто им смета законското регулирање, нека го поддржат предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ“.

Оттаму велат дека СДСМ дозволи да се отворат клубовите и не направи ништо тоа да се спречи.

-Антимакедонската СДС нека одговори зошто им пречи законскиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за измени со кои идно формирање и регистрирање на здруженија со имиња со фашистичка позадина, но и ќе се реагира на постоечките здруженија. Ако СДС е против клубот Цар Борис, зошто не го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто Ковачевски молчи на ова прашање?
Дезертерот Ковачевски молчи бидејќи неговиот ментор Зоран Заев со своите изјави ги поткопа македонските позиции.
СДС со своите лоши политики даде легитимитет на бугаризација. Ковачевски не направи ништо да спречи отворање на клубови со фашистички имиња во Македонија, напротив тоа го дозволи. ВМРО-ДПМНЕ нема да толерира да власта одобрува никулци на фашизам. Сега е време СДС да го прифати предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ, ако не одобрува здруженија со фашистичка позадина – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На 7 октомври во Охрид, беше отворен бугарски културен клуб што го носи името на Цар Борис, кој во Втората светска војна бил на страната на нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Од СВР Охрид соопштија дека полицајците евидентирале едно лице кое на јавно место фрлило предмет кон група граѓани, против кое ќе биде поднесена прекршочна пријава по член 5 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

За време на отворањето имаше и протести, организирани од партијата Левица, за кои поддршка даде и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Отворањето на клубот со такво името го осудија од еврејската заедница, но имаше осуди и од партии и од функционери на власта.

Вчера, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи го осудија отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид кое го сметаат за провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава.

Според Ковачевски, реакцијата за ова терба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се македонски граѓани.

Министерот за надворешни работи Османи, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост.