Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да се приготвува или да се купи?

Подготовка на традиционалната домашна зимница е во полн ек, но растот на цените на сето она што се користи за подготовка ги предомислува домаќинките околу изборот што годинава да се најде на листата. Особено кога станува збор за ајварот. Се исплати ли да се прави домашен ајвар или е поевтино да се купи готов, подготвен во прехранбената индустрија?

Пиперката позната како ајварка периодов, на пазарите во неколку градови, може да се најде за 38 денари за килограм. Но, зависно од нејзиниот квалитет, во просек, цената за килограм пиперки, на големо, се движи меѓу 40 и 50 денари.

– Годинешната подготовка на зиминцата е вистински луксуз. Покрај тоа што се високи цените на зеленчукот и овошјето, превисоки се и цените на шеќерот и маслото, во споредба со лани. Факт е дека дома подготвената зимница е многу повкусна од купената, но со оглед на тоа што се е поскапено, мислам дека е неисплатливо да се прави – вели домаќинката Милица Ристеска.

Пресметката за подготовка на 10 тегли ајвар оди вака:

  • 30 килограми пиперки (50 денари за килограм) – 1.500 ден
  • 8 модри патлиџани (15 денари за парче) – 120 денари
  • 1,5 литри масло (140 денари за литар) – 210 денари
  • 10 тегли со капак (25 денари за една) – 250 денари
  • Дрва потрбни за подготовка – 600 денари

Вкупно, за 10 тегли домашен ајвар се потребни најмалку 2.680 денари.

Ако се додаде и трудот и два дена потрошени за подготовка, може да се заклучи дека цената е повисока од 268 денари за тегла, а ајварот станува скапа зимница.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минатата година за 10 тегли ајвар потребни беа 229 денари.

  • 30 килограми пиперки (50 денари за килограм) – 1.500 денари
  • 8 модри патлиџани (10 денари за парче) – 80 денари
  • 1,5 литри масло ( 90 денари за литар) – 135 денари
  • 10 тегли со капак (18 денари за парче) – 180 денари
  • Дрва потрбни за подготовка – 390 денари

Минатата година за 10 тегли ајвар биле потребни 2.285 денари.

Граѓаните велат дека годинава не е луксуз само ајварот, туку и другата зимница.

– Од навика ќе направам две три-тегли колку за „од мисла“, што велат старите и тоа зашто имам веќе дрва. Да треба да го правам на шпорет на струја, излегува многу поскапо. Истото го направив и со слаткото и џемот, а доматна салца воопшто нема да правам, бидејќи доматите покрај тоа што имаат висока цена, имаат лош квалитет и поисплатливо и поекономично е да се купи од продавница – вели Драгица Трајковска.

Инаку, низ поголемите маркети во земјава цената на тегла ајвар чини од 139 до 449, во зависност од продавницата и производителот. На социјалните мрежи, пак, има огласи за продажба на домашно подготвен ајвар по цени од 250 до 400 денари за тегла.