Татковината најдобро се брани со обучени граѓани

Фото: Игор Бансколиев

Неколку мислења на поранешни високи воени лица за воведувањето задолжителен воен рок

Според поранешните високи воени старешини со кои се консултиравме, воведувањето на системот на регрутација на млади војници може да има повеќе позитивни ефекти, кои, секако, треба внимателно да се разгледаат. Според соговорниците, опремувањето и обуката на еден регрут не се поскапи од обуката на професионалниот војник. Трошоците за храна и за сместување се исти како за професионалните војници. Дополнително, предноста на војниците што служат задолжителен воен рок е што тие се присутни во касарната 24 часа и се целосно на располагање во случај на вонредни настани. Војниците што служеле воен рок потоа ќе преминат и во резервниот воен состав, кој е добра база за успешна одбрана на земјата. Истите тие во краток рок ќе можат да се мобилизираат додека се добие помошта од НАТО-партнерите…

Повторното воведување задолжителен воен рок за македонските граѓани предизвика различни реакции кај стручната јавност и надлежните институции задолжени за националната одбрана. Предлогот за воен рок од три месеци, кој беше изнесен повеќе како „гласно размислување“ на началникот на Генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, брзо потоа беше коментиран и од врховниот командант на македонската армија, односно претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претседателот на државата изјави дека „државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина“. Тој дополни дека укинувањето на обврската за задолжително служење воен рок од 2006 година и целосната професионализација на армијата се во согласност со анализите и процените на ресурсите и потребите на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО.
Исто така, и од Министерството за одбрана одговорија дека „во моментов ниту во Министерството за одбрана ниту во Генералштабот на армијата не е започнат консултативен, ниту каков било друг процес за носење ваква одлука“.

Колку се изискувачки и колку чинат опремувањето и обуката на еден регрут

Пензионираниот генерал-потполковник Митре Арсовски, кој беше и прв началник на Генералштабот на армијата на Република Македонија, смета дека воведувањето на системот на регрутација на млади војници може да има повеќе позитивни ефекти. Со поминувањето на периодот задолжителната воена обука, младата личност стекнува навики што се важни за стекнување самодоверба, придржување на ред и дисциплина и за извршување задолженија што се важни за целиот колектив.
– Тоа што е поважно за државата, со служењето на воениот рок младите регрути ќе научат како се брани татковината. Во воените доктрини е познато дека најважниот фактор е да се има обучен војник, додека не е доволно да се поседува силно оружје, како авиони или тенкови. Овие слабости се покажаа и во Украина, кога руската војска користеше тешки оклопни возила, кои без соодветна помош од пешадијата, беа лесна цел за противникот. Опремувањето и обуката на еден регрут не се поскапи од обуката на професионалниот војник. Трошоците за храна и за сместување се исти како за професионалните војници. Покрај тоа, професионалните војници добиваат и плата.

Предноста на војниците што служат задолжителен воен рок е што тие се присутни во касарната 24 часа и се целосно на располагање во случај на вонредни настани. Со сегашниот систем, професионалните војници по завршувањето на работното време, си заминуваат дома. Останува проблем кој ќе ја врши стражарската служба или други работи што се поврзани со одржување на воените објекти, опремата и сл. – ни изјави Арсовски.

Воведувањето задолжителен воен рок е сложен процес и за тоа се потребни посеопфатни анализи од тие што го предлагаат тоа, забележува генерал-потполковникот Арсовски. Но тој се потсетува на времето кога се формираше новата армија на Македонија, по распадот на југословенската заедница, и кога на тогашниот претседател Киро Глигоров му ги изнел сите предности на служењето на задолжителен воен рок, во однос од целосна професионализација на војската.

Што, всушност, се сака да се постигне со воведувањето задолжителна регрутација?

– Може да се каже дека нашата армија ја формиравме за мали пари. Важно е да се знае што сакаме да постигнеме со воведувањето задолжителна регрутација. Првенствено ќе добиеме подобро обучени граѓани за одбрана на својата земја, ако тоа се покаже за потребно. Да не ги заборавиме и придобивките што ќе ги имаат локалните компании што ќе вршат набавки и услуги за касарните и, секако, дејствувањето на војниците во случај на природни непогоди и друг вид кризи. Сумата што се споменува во Србија (600 милиони евра на годишно ниво) изгледа многу голема од наш агол, затоа што таа има поголема војска, за разлика од Македонија. Трошоците за прием на првите војници би биле повисоки, зашто многу од касарните се пренаменети за други комерцијални потреби. Но средствата можат да се обезбедат од досегашните ставки што се наменети за одбранбениот систем. Војниците што служеле воен рок потоа ќе преминат и во резервниот воен состав, која е добра база за успешна одбрана на земјата, кои во краток рок ќе можат да се мобилизираат додека се добие помошта од НАТО-партнерите. Да не заборавиме дека прво ние самите треба да сме подготвени за одбрана, а потоа другите да ни помагаат – заклучува пензионираниот генерал Митре Арсовски.

Задолжителниот воен рок ќе значи воена обука на околу 20 илјади луѓе, што ќе чини повеќе финансиски средства од сегашните ставки од буџетот на земјата. Задолжителниот воен рок беше укинат кога одбраната на Република Македонија се усогласуваше со стандардите на земјите-членки на НАТО, односно со реформите во територијалната одбрана на војската по усвојувањето на новата државна стратегија за безбедност во 2003 година и откако во 2006 година Собранието ја одобри забраната за задолжителна регрутација. Поранешниот воен генерал Стојанче Ангелов се залага за примена на концептот за привлекување повеќе доброволни војници.

Привлечната обука и финансиската стимулација ќе придонесат за значително зголемување на бројот на доброволни војници, кои понатаму ќе бидат база од која со соодветна селекција ќе се црпат идните професионални војници – смета Ангелов.


Идејата за регрутација сѐ поинтензивно се разгледува и во земјите од регионот

Прашањето за воведување воен рок веќе неколку години е актуелна тема во соседна Србија, за што се направени и почетни анализи за чинењето на воведувањето воен рок во траење од девет месеци. Според интерните анализи на српското министерство за одбрана од 2018 година, овој концепт би чинел околу 600 милиони евра. Тоа беше тогашниот целосен годишен буџет на армијата на Србија. Деновиве беа презентирани нови процени дека повторното воведување на воениот рок би чинело од 90 до 130 милиони евра, во зависност од должината на воената обука. Засега во земјите од регионот нема воведено задолжително служење воен рок, а искуствата во другите европски земји се различни и се применуваат комбинирани модели, односно воените обврзници служат само како дополнување на професионалните војници.