Фото: Игор Бансколиев

Владата и претседателот на државата поделени за итноста за уставните измени

Додека Владата и натаму продолжува да инсистира на итни уставни измени и отворање на првите поглавја со ЕУ, претседателот на државата е со сосема спротивен став дека уставните измени не се итни и дека земјава има многу поважни работи за решавање. Колку се искрени ваквите ставови и дали може да им се верува

Со почетокот на скрининг-процесот на земјава од страна на Европската Унија се означи првата фаза од преговорите со Унијата, кои официјално ќе почнат во оној момент кога земјава ќе ги направи уставните измени и ќе ги вметне Бугарите во македонскиот устав.

Уште во текот на август се засили реториката во овдешните политички кулоари дека се работи на обезбедување двотретинско парламентарно мнозинство што ќе ги изгласа уставните измени и дека прашање на време е кога ќе се случи тоа.

И додека Владата и натаму продолжува да инсистира на итни уставни измени и отворање на првите поглавја со ЕУ, претседателот на државата е со сосема спротивен став, дека уставните измени не се итни и дека земјава има многу поважни работи за решавање.
– Апсолутно не се согласувам со форсирање на прашањето за уставните промени. Не мислам дека тоа прашање треба да биде политички приоритет број еден. Имаме ние многу други работи за решавање, реформи… На први декември 2023 година формално ќе бидеме со завршен скрининг и имаме четири, четири и пол месеци до следните избори. Што е пологично од тоа – оној што ќе ги добие изборите да тера понатаму со две третини, ако сака, зборувам – ако опозицијата биде во позиција да го прави тоа.

Не гледам причина да се форсира сега, бидејќи очигледно во овој момент, според јавните изјави на сите актери, од 120 луѓе што се во парламентот, нема 80 луѓе што би кренале рака за тоа. Не гледам причина да се исцрпуваме ден за ден, дали ќе имаме или нема да имаме, дали ни недостигаат шест или седум луѓе. Еден да недостига – немаме. Во моментов нема 80 – рече Пендаровски.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека претседателот Пендаровски не е искрен во неговите изјави.
– Имајќи предвид дека тој како претседател застана зад секоја иницијатива на Владата, вклучувајќи ја и најштетната за прифаќањето на предлогот Ковачевски – Петков, попознат како француски предлог, јас во неговиот настап не гледам никаква искреност – вели Боцевски.

Според него, претседателот ја загубил можноста јасно да истапи кога за тоа имал вистинска можност и дека сега е доцна за какви било изјави.
– Ако сака тој може да поведе иницијатива за преиспитување на целата таа утврдена преговарачка рамка, за предвреднување на македонските позиции, меѓутоа мислам дека сега е предоцна бидејќи и тој самиот во овој процес ќе го изгуби рејтингот што ќе го стекнеше доколку застанеше против целата оваа работа. Тој не го направи тоа. Имаше одлична можност да каже нешто поинакво од Владата, но постапи по истата линија – нагласи Боцевски.

Идентично мислење за искреноста во настапите на политичарите има и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, според кого, нема да биде изненадување ако нивните изјави којзнае по кој пат се прекршат.
– Прашање е кога некој политичар си останал на зборот за да може да му се верува. Претседателот Пендаровски имаше поинакви изјави и за францускиот предлог, па потоа ретерираше. Дегутантно е да се зборува за нивните лажни изјави и морал, едно зборуваат, па подоцна се дообјаснуваат или ретерираат – вели Пекевски, јасно алудирајќи дека и покрај сите изјави на овдешните политичари дека историјата не е дел од преговорите со ЕУ, сепак излезе дека токму решавањето на историските прашања е услов за напредување во преговорите.