Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посетил болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул, каде што се лекуваат двајца од младите повредени во пожарот во Кочани.
-Во оваа болница првично биле примени шест пациенти, од кои четворица сега се пуштени на домашно лекување откако им се подобрила здравствената состојба. Двајцата преостанати пациенти, Мартин и Борис, се во стабилна состојба и продолжуваат со закрепнувањето – се наведува во соопштението.

За време на посетата Таравари, придружуван од претставници на Конзулатот на Македонија во Истанбул, се сретнал и со родителите на пациентите и изразил „поддршка и солидарност во овие тешки моменти“.
-Тој изрази посебна благодарност до д-р Мустафа Туран и конзулот на Северна Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, за покажаната грижа и посветеност. „Свежата болка на Кочани е донекаде ублажена од Мартин и Борис, кои се подобри и наскоро ќе ги пречекаме дома. Ви благодариме, драга Турција, за целата грижа и гостопримство – нагласил Таравари.
Министерот за здравство вчера во Едрене, Турција, учествувал и се обратил на Балканскиот здравствен бизнис-форум при што соопштил дека 165 пациенти од Македонија во 2024 година биле лекувани во здравствени установи во Турција.