Фото: Архива

Со години македонскиот правосуден систем добива неповолни оцени и извештаи од различни домашни и странски институции. Но веројатно најпоразителен од сите нив е последниот податок дека само 8 проценти од граѓаните имаат доверба во судството, што е најголем и досега незапаметен пад и израз на недоверба во домашното правосудство. Како директните актери, оние што се најзапознаени со случувањата во правосудниот систем, ги оценуваат ваквите состојби и каде го гледаат излезот од нив?

МАКЕДОНСКОТО ПРАВОСУДСТВО ДЕНЕСКА ОДБЕЛЕЖУВА 77 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО

Македонското правосудство денеска одбележува значаен јубилеј. Токму на 31 март пред 77 години се удрени темелите на правосудниот систем во земјава, кој потоа низ годините имаше и некои свои проблесоци, но веројатно многу повеќе падови и разочарувања.
Токму денешниот јубилеј поминува во знакот на длабока недоверба кај граѓаните во правосудниот систем и сѐ понагласена потреба за коренити реформи.

Она што генерално може да се заклучи за судството во Македонија е дека тоа од година на година сè повеќе тоне и, наместо да спроведува право и правда, станува алатка за политичка пресметка меѓу партиите. Дополнително е оптоварено со корупција, поради што граѓаните остануваат заглавени во долги судски процеси, кои траат со години, за на крајот или да се откажат од процесите или, пак, да се соочат со правно разочарување.

Сето ова е евидентирано во годишните извештаи за напредокот на земјата на Европската комисија, која постојано има сериозни забелешки за работата на македонските судови и, воопшто, за владеењето на правото.
На тоа неодамна предупреди и американската амбасадорка Кејт Брнз, која повикувајќи се на истражување на „Еуротинк“, рече дека само осум отсто од македонските граѓани имаат доверба во судството. Истото тоа го потврдуваат и податоците во Годишниот извештај на народниот правобранител, во кој е наведено дека македонските граѓани најголем број претставки поднеле за работењето на судовите.

Македонија со години го очекува почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, а владеењето на правото е главниот кластер во преговорите. Но со оглед на актуелните состојби на огромна недоверба, неефикасност и политизираност на правосудството, малку е веројатно дека тие преговори ќе завршат во некој пристоен временски период ако македонското судство сериозно не се реформира.
Директните актери, кои се и најинволвирани во случувањата во правосудниот систем, се свесни дека работите не функционираат како што треба и дека ова судство, вакво какво што е, е далеку од она што го бара Европа.
– Судството ни се наоѓа на тоа ниво на кое е животниот стандард на нашите граѓани, на ниво на кое ни се наоѓа екологијата со илјадниците диви депонии, милионите пластични шишиња и ќеси во реките… Судството со општеството функционира врз принципот на врзани садови, односно судството ни е точно на она ниво на кое ни се екологијата, вработеноста, продуктивноста, одговорноста, стандардот и сè друго – вели адвокатот Александар Тортевски.

Според него, ниту евентуалниот почеток на пристапните преговори со Европската Унија нема да ги промени работите.
– Ние всушност не сакаме да преговараме со ЕУ, ние само глумиме дека ќе преговараме. Кој ни бранеше досега да ги спроведеме потребните реформи во судството? Впрочем, ние знаеме што ни се задачите според поглавјата и повторно ништо не правиме. Сите очекуваат дека ако ги почнеме преговорите со ЕУ, проблемите ќе ни се решат како со волшебно стапче. Требаше досега да ги имаме подготвено задачите од поглавјата и тие само формално да се отвораат и затвораат кога ќе почнеа преговорите, но ние не правевме ништо – истакнува Тортевски.
Негово мислење е дека излезот од ваквата состојба во која се наоѓа македонското судство е невозможен.
– Правосудството, како сè друго што е државно, се смета за сопственост на владејачките партии. Со овој ментален склоп и со ваква поставеност на партиите, нема надеж дека работите во правосудството би можеле да се подобрат – заклучува Тортевски.

Поранешниот судија и претседател на Врховниот суд, Дане Илиев се согласува дека состојбата во судството не е добра и дека без департизирање нема да има напредок.
– Состојбата во судството не е добра, а тоа го констатираа и многу други луѓе што се упатени во оваа област. Сметам дека се потребни не само реформи на хартија туку реформи што значат нешто ново, кои значат нов правосуден систем одвоен од политика, без политикантство, избор на судии, промени на законите што го регулираат прашањето за Законот за судови и процесните закони, како Кривичниот, така и Законот за парнична постапка, да се реши прашањето со извршителите… Сите овие се крупни прашања бараат голем ангажман и бараат оцена од компетентни лица, наместо овие ситни реформи и методологии што се прават, а кои не носат голема полза – вели Илиев.

Тој додава дека за да се направат сите овие работи и да почнат да се средуваат состојбите во судството, потребна е политичка волја.
– Прва работа е да се одвои судството од политиката. Треба да проработи судството, судиите, постои Здружение на судии што никаде не се слуша, ниту, пак, работи со судиите. Академијата за обука на судиите треба да се укине, судиите да имаат друга обука и поинаков начин на нивен избор. Има толку моќни и способни стручни соработници што не може да одат во Академијата бидејќи тоа е политика таму, од таму се регрутираат политичките судии. Затоа треба да се смени системот од корен, но за тоа е потребна политичка волја – нагласува Илиев.
Според него, кога станува збор за судството, прва работа што треба да се направи е да се реформираат Јавното обвинителство и МВР, па потоа сè друго.

За претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, досега не е забележана толкава недоверба на граѓаните во судството и судиите треба да работат поангажирано за да има резултати и да почне да се враќа довербата.
– Судството не може да се пофали дека некогаш имало доверба од граѓаните. Но ваква голема недоверба досега не е забележана… Судиите треба да се многу ангажирани кај актуелните предмети што ги следи јавноста, да носат пресуди во најкраток можен рок. Ако постапката трае со години, веќе никој нема да се интересира за тој предмет. Пример е случајот со Ласкарци… Ако судиите посветат повеќе часови и денови во неделата и му дадат приоритет на еден конкретен предмет пред ситните предмети, тогаш за граѓаните ќе биде јасно дека судот работи ажурно – вели Кацарска.


А КАКВИ БЕА ПОЧЕТОЦИТЕ НА МАКЕДОНСКОТО ПРАВОСУДСТВО

Со одлука на АСНОМ предвидено судење престапи против македонската национална чест

На денешен ден во 1945 година се донесени Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ за создавање Суд за судење престапи против македонската национална чест.
Со Повелбата се основани 25 околиски судови, три обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.

При создавањето и при правното етаблирање на македонската држава, а со тоа и на македонското судство, значајно место има и донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот, усвоена на неговото Прво заседание, на 2 август 1944. Со неа се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот во демократското општество, кои, пак, се во неминовна поврзаност со воспоставувањето на судските органи и на адвокатурата како институционален механизам на таа заштита.

Во етаблирањето на македонското судство значаен е и придонесот на Петре Пирузе Мајски, кој ја извршува функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja во периодот од 1944 до 1945, кога дава исклучителен придонес за втемелувањето, за организирањето и за структурирањето на македонскиот правосуден систем и на адвокатурата.

Фото: Архива