Генералниот секретар на НАТО – Алијансата, Јенс Столтенберг пристигна во Скопје, а добредојде на Меѓународниот аеродром во Скопје, му посака министерката за одбрана Славјанка Петровска.
-Добредојдовте во Северна Македонија, посветен и докажан сојузник во Алијансата. Почестени сме што во македонскиот главен град ќе се реализира заедничката средба со лидерите на Северна Македонија и сојузниците – Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Тоа покажува дека НАТО ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и важен столб стабилност во Западниот Балкан, рече министерката по пречекот на генералниот секретар на НАТО – соопшти Министерството за одбрана.
Премиерот Димитар Ковачевски пред Владата го пречека генералниот секретар на НАТО, кој е во официјална посета на Македонија, што е негова прва посета откако државата е полноправна членка на НАТО.
Посетата на генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг на Македонија е во рамките на неговата четиридневна посета на Западниот Балкан.
По официјалниот пречек пред Владата, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, треба да има тет-а-тет средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.
Во составот на македонската делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески.
Предвидено е Ковачевски и Столтенберг по средбите да одржат заедничка прес-конференција.
Генералниот секретар на НАТО попладнево ќе има билатерална средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом, во рамки на 132. седница. Столтенберг ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски во неговиот кабинет.
Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.
Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.
Турнејата низ регионот Столтенберг ја започне од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово. Од вчера Столтенберг престојува во Србија, од каде денеска попалдне ќе допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан.