Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук објави дека МВР е подготвено и очекува во наредниот период да се потпише Договорот со ФРОНТЕКС, по најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија набрзо ќе преговара со ЕУ за спогодба со ФРОНТЕКС.
– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утрово, посочи дека нашата држава набрзо ќе преговара со ЕУ за ФРОНТЕКС, спогодба за соработка на граничните полиции, што ќе ја зацврсти соработката за миграцијата. Ние, како Министерство за внатрешни работи сме подготвени и очекуваме во наредниот период да се потпише Договорот со ФРОНТЕКС, којшто заедно со еврокомесарот за миграции, Димитрис Аврамопулос, по повеќемесечни преговори го парафиравме во 2018 година како резултат на посветеноста на институцијата за справување со илегалната миграција. Откако договорот ќе стапи на сила, тимовите на ФРОНТЕКС со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили – објави Спасовски.