Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието попладнево на 147 седница по скратена постапка ги донесе законите за дополнување и измени на Законот за високото образование и на Изборниот законик, откако претходно беа разгледани на матичните комисии (за образование, наука и спорт и за политички систем) и Законодавно-правната комисија каде што не биле усвоени амандмани и немаше дополнителни предлози за расправа.

При утврдувањето на дневниот ред на оваа седница, пратеникот Арбер Адеми соопшти дека со дополнувањата на Законот за високото образование ќе се унифицираат платите на сите државни универзитети, со што, рече, ќе се постигне усогласување на коефициентите и ист статус на вработените на сите универзитети.

Откако беше потпишан Колективен договор со Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, синдикатите на пет јавни универзитети – во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“ – Охрид и „Мајка Тереза“ – Скопје од Собранието како нивни основач побараа да се потпишат и нивните колективни договори за да не бидат дискриминирани и во нерамноправна положба во однос на Скопскиот универзитет.

Како што беше посочено, поради политичките околности и законски бариери овие универзитети биле ускратени да ги остварат овие права и за иста сложеност, ист обем на работа и исто образование да се добива иста плата на јавните високообразовни и научни установи.

– Заради изедначена  вредност на коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи од буџетската сметка и заради развојот на високообразовната дејност во земјава, со законски дополнувања се усогласуваат коефициентите и законски се доведуваат во рамноправна положба сите вработени во јавните високообразовни установи – се наведува во образложението.

Без расправа беше изгласан и Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Со предложените измени се задолжуваат јавниот радиодифузен сервис како и телевизии на државно ниво да ги објавуваат содржините поврзани со изборниот процес во формат достапен за лицата со попреченост, односно со користење знаковен јазик, титлови, тонски опис или други алатки за обезбедување пристапност.

Исто така, се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Со законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезеност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, сѐ со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите.

Двата закона – за дополнување на Законот за високото образование и за изменување и дополнување на Изборниот законик, беа изгласани со мнозинство од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од пратеници припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава кои беа присутни на 147 собраниска седница.