Фото: МИА

Пациент од Скопје, кој се здобил со сериозна повреда на ‘рбетниот мозок за време на одмор во турското летувалиште Кушадаси, е транспортиран во земјава со владин авион и е хоспитализиран на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ), истакна директорот на клиниката, д-р Игор Мерџановски. Тој информира дека пациентот се повредил при несреќен случај на тобоган, по што на 23 јули му била извршена хируршка интервенција во болница во Кушадаси, каде што бил задржан на лекување до денеска.

По барање на турските лекари и поради сериозноста на повредата, бил организиран воздушен медицински транспорт со владин авион.

– Од колегите беше побарано пациентот да биде транспортиран по воздушен пат поради сериозноста на повредата и потребата од брз транспорт. Голема благодарност до Владата и до Службата за општи и заеднички работи, кои излегоа во пресрет за реализација на транспортот – истакна Мерџановски.

Тој посочи дека во Турција бил испратен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева, кој го презел пациентот и го придружувал при транспортот до Скопје.

Според Мерџановски, пациентот е успешно пренесен и сместен на Клиниката за интензивно лекување, каде што ќе продолжи третманот.

– Пациентот е во здравствена состојба што бара интензивно лекување. Ја разгледавме медицинската документација и можам да кажам дека операцијата извршена во Турција е задоволителна и добро направена. Повредите на ‘рбетниот мозок се меѓу најсериозните повреди – рече Мерџановски.

Тој најави дополнителни испитувања и понатамошна рехабилитација, вклучително и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.