По повод 119-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев државни делегации, претставници на политички партии, поранешни функционери и претставници на здруженија денеска положија цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
На гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ цвеќе положи претседателот Стево Пендаровски.
Тој на својот фејсбук-профил објави дека македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи.
– Денеска одбележуваме 119 години од смртта на македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев. Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи. Слава му! – напиша Пендаровски.
Собраниската делегација ја предводеше потпретседателот Горан Мисовски, а во нејзин состав беа Марија Георгиевска и Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Делегација на Владата беше предводена од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а во нејзин состав беа министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
– Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност – се наведува во владиното соопштение.
Поранешната министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташеска Ременски, по настанот истакна дека, „Гоце Делчев е константа и цивилизациска вредност“.
– Дали некој преговара за Гоце Делчев тоа е прашање на кое што треба да одговорат членовите на Комисијата која што преговара, но мојот став не само денеска, туку и години наназад е дециден и јасен, а тоа е дека за Гоце Делчев е најдобро да се договорат да не се договараат, а тоа е дека тој не може и не смее да биде дел од какви било индивидуални и колективни договарања за неговиот придонес во нашата државност и секако најмалку за дневна политика на политичките партии, рече таа.
Претседателката на македонското здружение „Кочо Рацин“ – Белград, Лидија Демниева, посочи дека не може да се расправа за историја на македонскиот народ.
– Тоа е завршена приказна, ние тоа сме го завршиле во 1944 година. Од 1941-1945 сме биле окупирани од фашистичка Бугарија. За оваа Македонија се гинело со векови. Загинале претходно нашите дедовци и прадедовци од Крушевска Република па наваму. Не знам што се случува со нас сите овде. За оваа Македонија АСНОМ-ците треба да ги прашаме, тие што го дадоа животот за Македонија – смета таа.
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, рече дека како Македонци имаме силна обврска да продолжиме по идеалите на Гоце Делчев.
– Нашата обврска како Македонци денеска е многу голема. Во моите бројни партиски патувања низ татковината слушам луѓето биле уплашени, кои за работно место, кој барал работа, кој лиценца за работа. Меѓутоа, сакам да потсетам не му било лесно и на Гоце Делчев. Можел Гоце Делчев да си биде само учител, да си ужива со учителската плата, да не оди во планина, да не биде револуционер, ама ако беше така ќе ја немаше Македонија. Затоа ние денеска силна е нашата обврска да продолжиме по неговите идеали – рече тој.
Револуционерот Гоце Делчев на денешен ден во 1903 го загубил својот живот во селото Баница, на пат кон Сер.
Ковачевски: Пораката за светот како поле за културен натпревар меѓу народите го стави Гоце Делчев во редот на светските хуманисти
Гоце Делчев беше лидер на идејата за независна македонска држава којашто ја споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, порача премиерот Димитар Ковачевски по повод 119 годишнината од смртта на македонскиот револуционер.
– Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава, објави на својот Фејсбук профил премиерот Ковачевски.
Неговата порака, вели Ковалевски, за светот како поле за културен натпревар меѓу народите до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.
– Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици за создавање на самостојна држава, објави Ковачевски, по повод 4 мај, денот на смртта на Гоце Делчев. аа/сп/