Меѓународниот аеродром Скопје лани забележал близу 2,9 милиони патници, што го прави петти најпрометен во регионот. Од аеродромите во земјите од поранешна Југославија, најмногу патници во 2023 година имал белградскиот 7,95 милиони, втор е Загреб со 3,72, на трето место е аеродромот во Приштина со 3,42 милиони, а четврти е Сплит со 3,59 милиони патници, објави специјализираниот сајт за авијација „Ексјуавиејшн“.
Низ комерцијалните аеродроми во земјите од регионот минатата година поминале повеќе од 35,5 милиони патници, што е за пет милиони повеќе отколку во 2022. Повеќе од половина од аеродромите лани забалежале најпрометна година досега, а дел сè уште се под нивото на превезени патници во однос на периодот пред ковид пандемијата.
Во 2023 година, Скопје првпат го престигна традиционално попрометниот Дубровник, додека Подгорица го надмина Сараево, а Љубљана Задар.
Во однос на пред-ковид периодот (2019 година), белградскиот аеродром бележи 1,8 милиони повеќе патници, приштинскиот еден милион, а скопскиот дополнителни 400 илјади патници.
Најмногу патници лани летале со авиокомпанијата „Виз-ер“ (5,9 милиони), што е за 1,8 милиони повеќе во споредба со 2019 година. Втора е „Ер Србија“ со 5,2, а трет „Рајанер со 3,66 милиони превезени патници.