Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пристапот на кој сега инсистира ЕУ е на иста линија со стратегиите изготвени од повеќе европски аналитички центри. Која е суштината на тој пристап наречен „заеднички европски пазар“?  Накратко, дека „за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, би било подобро да се здружат и заеднички да пристапат кон пазарот на европскиот блок, без да си прават опструкции една на друга“!
Во исто време, од ваквиот пристап, според повеќе соговорници, бенефиција би имала и ЕУ, во која ќе се прелее дополнителна квалификувана работна сила од регионот за потребите на европските економии. Информација плус од соговорниците е дека од шесте милијарди со кои Унијата ги примамува земјите од Западен Балкан, две милијарди се грантови, а четири се поволни кредити…

Упатени јасни пораки и од ЕУ и САД за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан

Процесот на проширување на Европската Унија дефинитивно е ставен во мирување на подолг период, а дека е тоа така најдобра потврда се сигналите што пристигнуваат од Брисел, од кои јасно може да се види дека без уредување на внатрешните односи во Унијата, приемот на нови членки е целосно беспредметен.
Револтот кај земјите од Западен Балкан поради неодамнешната одлука на европските челници да отворат пристапни преговори со Украина и Молдавија, без оглед што овие земји не ги исполнуваат ниту елементарните услови за кандидатски статус, сега Брисел и Вашингтон се обидуваат да го канализираат така што ќе овозможат забрзан пристап на земјите од регионот во заедничкиот европски пазар. Тоа на некој начин би претставувало еден вид лабава асоцијација со Унијата и еден вид утеха за неисполнетите ветувања, но во никој случај не значи полноправно членство, барем не во блиска иднина.
Во таа насока треба да се бара значењето на пораките упатени од завчерашниот самит на лидерите на државите од Западен Балкан што се одржа во Скопје, при што на заедничка маса се водеа разговори како ќе се дели колачот вреден шест милијарди евра, пари што ги нуди Европската Унија за раст на економиите од опкружувањето.

ЕУ со поинаков пристап за да го амортизира притисокот за проширување

Пристапот на кој сега инсистира Унијата е на иста линија со стратегиите изготвени од повеќе европски аналитички центри, дека за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, би било подобро да се здружат и заеднички да пристапат на европскиот пазар, без да си прават опструкции една на друга.
– Вие не треба да ги блокирате вашите соседи. Сакаме да дојдете со нас. Може да се блокирате самите себе. Ако не ги блокирате вашите соседи, ќе ве примиме. Но ако ги блокирате соседите, нема да биде можен пристапот до внатрешниот пазар. Заедничкиот трошок од несоработката е многу висок. А потенцијалот е огромен. Зоната за единствено плаќање во ЕУ може да донесе многу пари – порача Герт Јан Копман, генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија.
Истиот став го сподели и Џејмс О’Брајaн, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД пред почетокот на лидерскиот состанок за Планот за раст на ЕУ во Скопје.
– Планот за раст на ЕУ не е како никој друг план досега, бидејќи не треба да правите реформи за да бидете оценувани подоцна, туку тие ќе овозможат побрз пристап до заедничкиот европски пазар. Секоја влада од шесте земји од Западен Балкан се согласи дека ќе работат заедно за луѓето од регионот да добијат вистински можности и поскоро да станат дел од ЕУ – изјави О’Брајaн, притоа додавајќи дека САД ја поддржуваат Македонија и ако сите ги направат потребните реформи, тогаш компаниите и граѓаните многу брзо ќе ги уживаат четирите слободи на ЕУ – слобода на движење и можност да се работи во ЕУ, слободно движење на капиталот и услугите.
Од кажаното на европскиот и на американскиот претставник, повеќе од јасно е дека се инсистира на спроведување одредени реформи што би биле доволни за пристап до заедничкиот европски пазар, како одговор на притисокот на земјите од регионот за полноправно членство.
Несомнено со претставувањето на Планот за раст на регионот се официјализира новиот европски пристап и кон Македонија, но и кон другите пет земји од Западен Балкан, преку јакнење на регионалната соработка тие да стануваат поконкурентни на европскиот пазар и рамноправен дел од него. Во исто време, од ваквиот пристап главната бенефиција повторно ја има ЕУ, која ќе извлече дополнителна квалификувана работна сила од регионот за потребите на европските економии. Дополнително, од шесте милијарди со кои Унијата ги мами земјите од Западен Балкан, две се грантови, а четири се поволни кредити, од што повторно добивката ќе ја има ЕУ.
Во меѓувреме, додека Македонија и другите земји од регионот ќе треба да исполнат дел од реформите, Унијата и самата ќе работи на внатрешните реформи, кои според сите најави би требало да финишираат некаде до 2030 година. Дури потоа ќе почнат да се опсервираат земјите кандидати и да се оценува дали би можело во скоро време да го надградат членството од европскиот заеднички пазар, во полноправно членство со свои комесари и право на глас.

Чуму притисокот за уставни измени ако сега опцијата е „единствениот европски пазар“?

Сега кога сите карти се отворени, нејасно е зошто сѐ уште се инсистира на уставните измени кога целта во овој момент е заедничкиот европски пазар, каде што Бугарија не може да поставува вета, но уште повеќе, клучно прашање е зошто земјава загуби драгоцено време и се доведе во ситуација да биде уценувана од бугарска страна наместо уште пред неколку години да се согласи на ваквиот пристап кон европскиот пазар и веќе ќе ги уживаше благодатите од ваквиот вид партнерство.
Според поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски, сите земји од регионот треба заеднички да настапат и да побараат одговор кои се вистинските намери на ЕУ.
– Треба заеднички да зацртаме пет точки – влез во отворениот европски пазар, пристап до структурните фондови што ќе бидат многу повеќе од овие шест милијарди и многу позначајни за нашата економија, да бараме одредници за шенген-зоната, да бараме одредници за еврото и на крајот да бараме некоја форма на членство во ОЕЦД бидејќи таа како најмоќна организација на најбогатите земји е одговорна за делови врзани за даночната реформа, реформата на јавниот сектор итн., што е дел од поглавјата, меѓутоа и таму има некои преговори. Еве, Хрватска, Романија и Бугарија уште се мачат, уште ги немаат завршено овие преговори. Но ако го ставиме ова на маса со заеднички потписи од сите шест земји и ако оваа лидерска група што беше во Скопје отиде таму и тропне на врата во Брисел и праша кои се намерите на ЕУ, ќе мора да добие некаков одговор бидејќи работите мора да се изнесат на чистина – вели Боцевски.
Тој, во гостувањето на ТВ Алфа, посочи на два важни момента што сигнализираат дека проширувањето на Унијата во оној класичен формат сега не е можно.
– Имаме два момента што се лоши знаци за проширувањето. Првиот е победата на Партијата на слободата и Герт Вилдерс во Холандија. Тој е многу јасен, во неговата платформа не е само тоа дека проширувањето треба да запре, туку Романија и Бугарија да се исфрлат надвор, а можеби и Хрватска. Следуваат избори и за ЕП, каде што ништо чудно не само радикалната десница туку и националпопулистите да добијат позначаен број гласови. Тоа значи дека целата европска политика ќе мора да се приспособи на тоа како гласале граѓаните – посочува Боцевски.

Подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка

Добро упатени извори во евроинтегративните процеси тврдат дека целиот процес на проширување со Македонија и другите земји од Западен Балкан ќе се пренасочи кон пристап кон заедничкиот европски пазар, а тоа ќе се оправдува како преоден чекор кон полноправно членство во ЕУ само како алиби за нереализираните ветувања.
– Завчерашните пораки и на Копман и на О’Брајaн беа повеќе од јасни и нема веќе скриени агенди. Тие велат здружете се, направете неопходни реформи и пристапете кон заедничкиот европски пазар. Тоа е патот кон полноправно членство. Но членството во европскиот пазар е само за да се намали притисокот за проширување според досегашниот формат. Ова сценарио е веќе добро разработено од многу лоби-групи низ Европа, а очигледно е прифатливо и за САД. Целта е да се задржат земјите од Западен Балкан во европската интересна сфера и да се избегне какво било инволвирање на трети страни на овие простори. Истовремено, бенефицијата ќе ја имаат и самите земји бидејќи ќе се отвори поголем пазар, ќе се користат европски искуства, ќе има повеќе европски пари од фондовите, така што по три-пет или повеќе години присуство на тој пазар, откако македонските граѓани ќе почнат слободно да се движат низ Европа, како и граѓаните на другите земји членки, брзо ќе спласне притисокот за полноправно членство оти целта ќе биде постигната. Македонија не сака членство за да има свои комесари или некому да му става вето, туку да овозможи подобар живот на сопствените граѓани и тие да живеат според европските стандарди. Заедничкиот европски пазар ќе го овозможи тоа и требаше одамна да го направиме тоа – констатираат изворите со кои се консултиравме.
Според нив, сега треба трезвено и објективно да се предвидуваат работите со оглед на геостратегиските превирања.

– ЕУ е пред избори, растат безбедносните закани, се блокираат трговските патишта низ светот, така што треба добро да се размисли пред да се донесе каква било одлука. Затоа скептицизмот кај земјите членки на ЕУ околу проширувањето уште повеќе ќе расте, не само во Холандија, ќе се јави и во Данска, сили што се против проширувањето се јавуваат и во Германија, ги има и во Франција, така што треба да се држиме до она што реално би донело бенефиција за нашата економија, а со тоа и подобар живот на граѓаните. Ни се селат младите, а за да ги задржиме треба и ние да станеме економски поконкурентни, платите и стандардот да растат, а политиката да се тргне од таму каде што не ѝ е местото. Лично се залагам да се насочиме кон пристап до европскиот пазар, а сите досегашни отстапки и жртвувања што ги направивме, да ги користиме како наш кредит оваа наша цел што поскоро да се оствари – заклучуваат нашите соговорници.