АД ЕСМ информира дека е завршено поставувањето на новите топловодни цевки под мостот „Беласица“ и дека топловодот набргу ќе биде пуштен во функција за испорака на топлинска енергија.
-За помалку од два месеца, АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина успешно го завршија поставувањето на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“. Со ова, топловодот ќе биде ставен во функција во најкус можен рок, обезбедувајќи стабилна и сигурна испорака на топлинска енергија за тековната грејна сезона – соопшти АД ЕСМ.
Во завршната фаза, како што наведува, новоизградениот топловод ќе се поврзе со постојниот систем за дистрибуција на топлинска енергија, а за време на поврзувањето и ставањето во функција, можно е привремено прилагодување на квалитетот на испораката во попладневните часови за мал дел од корисниците.
-Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и АД ЕСМ брзо и ефикасно ги надминаа сите предизвици, преземајќи ургентни мерки и плански активности за надминување на пречките што го забавија зафатот. Реализацијата на оваа активност е уште една потврда за решителноста и посветеноста на новите раководства на компаниите кон унапредување на енергетската инфраструктура и обезбедување стабилна и сигурна услуга за сите потрошувачи – информира АД ЕСМ.