Фото: „Нова Mакедонија“

Испитувањата на терен ги вршат експерти и професори од Машинскиот факултет, со цел да се добие прецизна студија за магистралните водоводни цевководи, кои се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје. Имајќи предвид дека цевководите се челични и градени во постземјотресниот период, почнати во 1964 година, по нивната 60-годишна функционалност, со оваа студија би се добила детална слика за состојбата и би се оформиле насоки за идни потреби на инвестиции во овој сегмент

Повод: Состојбата на цевководот за дистрибуирање на водата за пиење во главниот град на Македонија

Европската комисија усвои нови минимални хигиенски стандарди за материјалите и производите што доаѓаат во контакт со водата за пиење, што е значаен чекор кон подобрување на квалитетот на водата за пиење низ Европската Унија. Оваа одлука треба да стапи во сила на 31 декември 2026 година. Македонија како земја чија крајна цел е конечното членство во ЕУ, досега нема направено никакви конкретни испитувања на квалитетот на цевките низ кои се врши главното водоснабдување. Но, сепак, позитивно придвижување на работите има во главниот град, каде што веќе се реализираат таков вид испитувања.

НОВИ ПРАВИЛА И СТАНДАРДИ

Новите стандарди што ќе стапат во сила за две години во земјите во ЕУ ќе важат за широк спектар материјали и производи, вклучувајќи цевки за снабдување, вентили, пумпи, фитинзи и чешми, кои се користат во процесите на екстракција, третман, складирање или дистрибуција на вода. Со овие стандарди, водата за пиење станува побезбедна, што е од големо значење за здравјето на граѓаните на ЕУ, се наведува на веб-страницата на Европската комисија.
Европските земји, секако, се на врвот кога е во прашање квалитетот на водата за пиење. Некои од земјите се наоѓаат во планински предели со чисти извори, но дополнително инвестираат и во технологија за третман на вода.
Истражувањата покажуваат дека во скандинавските земји, Исланд, Австрија, Ирска, Грција, Малта, Швајцарија, Холандија, Луксембург, Германија, Велика Британија, жителите можат слободно да пијат вода од чешма, бидејќи е без токсини.
За жал, ситуацијата не е насекаде таква. Голем дел од популацијата на земјата всушност нема пристап до чиста и пивка вода. Таков пример се африканските земји, кои и да најдат извор на вода, немаат никаква инфраструктура за нејзина достава.
Една од клучните придобивки од новите правила е значително намалување на административниот товар за производителите на релевантни материјали и производи. Единственото овластување сега ќе овозможи продажба во целата ЕУ, што го поттикнува слободното движење на стоки во рамките на ЕУ.
Во согласност со новите стандарди, материјалите и производите ќе добијат посебна декларација и ознака на ЕУ, што овозможува нивна продажба преку ЕУ без никакви ограничувања.

КОНЕЧНО ЌЕ СЕ УТВРДИ КВАЛИТЕТОТ НА ГЛАВНИТЕ ЦЕВКИ

Темата околу квалитетот на материјалите, поточно цевките преку кои се доставува водата за пиење до домаќинствата, не беше актуелна сѐ досега, кога конечно институциите се одважија по цели 60 години, колку што постои водоснабдувачкиот систем, да ги испитаат челичните цевки низ кои скопјани ја добиваат водата за пиење.
И покрај тоа што граѓаните на главниот град секоја недела добиваат лабораториски испитувања за квалитетот на водата за пиење, од огромна важност е да се испита квалитетот на магистралните водоводни цевководи.
Во моментов се реализира третата фаза на стратегискиот проект за испитувања и студија на магистралните цевководи.
Со изработката на оваа студија се добива дијагностика и утврдување на состојбата на двата постојни челични водоводни цевководи, со димензија Ф1600, првпат од нивната изградба.
Во третата фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општината Гази Баба, состојбата на објектите што се изградени за правилна експлоатација на цевководот, односно армирано-бетонските шахти со хидромашинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и друга заштита. Со третата фаза од студијата за магистралните водоводни цевководи базирана на темелни испитувања и анализи, која се прави првпат по 60 години, се испитува водоснабдувањето на градот Скопје од количества вода што се расположливи од двата каптажни објекта, кое се движи преку двa челични цевковода.
Испитувањата на терен ги вршат експерти и професори од Машинскиот факултет, со цел да се добие прецизна студија за магистралните водоводни цевководи, кои се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје.
Имајќи предвид дека цевководите се челични и градени во постземјотресниот период почнати во 1964 година, по нивната 60-годишна функционалност, со оваа студија би се добила детална слика за состојбата и би се оформиле насоки за идни потреби на инвестиции во овој сегмент. Суштината на изработката на стратегиската студија е утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевковода – едниот што оди по трасата на булеварот Партизански одреди и другиот по булеварите Словенечка и Босна и Херцеговина.


Анализи на водата за пиење

ЈП Водовод и канализација – Скопје, со цел подобра информираност на граѓаните на градот Скопје, го објавува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.
– Секторот за санитарна контрола во периодот од 29.1.2024 до 2.2.2024 зеде 184 примероци за физичко-хемиска и 184 примероци за микробиолошка анализа на водата за пиење од 40 мерни места во градот Скопје. Во согласност со добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење – информираат од претпријатието.