Фото: МИА

Нема реализација на проектите од програмата на градоначалничката „За Модерно Скопје“, затоа што над 40 постапки на процеси на тендери за јавни набавки се поништувале под сомнителни околности од страна Данела Арсовска, рече вечерва Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка и советник во Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија „Сител“.

– На пример реализација на луна паркот во Скопје, имавте стар проект од Коце Трајановски, еден малку чуден проект на Петре Шилегов и имавте фузија на тие два проекти. Советот на Град Скопје во полно мнозинство даде поддршка за овој проект, никаква реализација. Во ребалансот се префрлија средства за проекти, сите одлуки се донесоа и нема реализација. Нема реализација затоа што над 40 процеси на тендери за јавни набавки се поништуваат од градоначалничката од сомнителни околности, особено затоа што дел од нив по прекинувањето на тендерската постапка се менуваат комисиите, се додаваат нови членови на тие комисии, се менуваат одговорните лица – додаде Андоновски.

Тој нагласи дека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ не беше безусловна, туку поддршка што се базираше на програма.

– Ние ќе контролираме до каде е програмата, што се реализира и ако не гледаме реализација жестоко ќе реагираме во рамки на Советот – рече Андоновски.