Другата страна од прославувањето родендени на летниковците во парковите

Новите трендови на прославување родендени на летниковците во парковите наедно потврдуваат дека сме ги задржале старите навики да ги оставаме отпадоците зад себе, расфрлени на сите страни, поради кои парковите изгледаат како мали депонии. А, дополнително, почна и сезоната на реновирања, па речиси насекаде можат да се видат и фрлени душеци, чаршафи, ќебиња, плакари…

Убавото време и летните температури речиси сите ги користат за активности на отворено. Дури и семејните прослави се организираат на отворено, а еден од најновите трендови е детските родендени да се прославуваат во парковите на летниковците, каде што децата заедно со своите другарчиња ќе можат да се изнатрчаат и да го прослават роденденот. Меѓутоа и овие убави семејни пригоди оставаат црна дамка на локациите каде што се прославува. Летниковците почнаа да тонат во ѓубре…

ПО ПРОСЛАВАТА, ЛЕТНИКОВЦИТЕ ЛИЧАТ НА ДЕПОНИИ

Хартиени чиничиња, пластични лажичиња и виљушки, ќесиња од чипсови, балони и разни роденденски украси се најчестата слика што во последно време може да се види на летниковците во парковите низ Скопје. Новите трендови на прославување родендени на летниковците во парковите носат дополнителни катастрофални хигиенски слики, поради кои парковите изгледаат како мали депонии.
Кантите за ѓубре преполни од отпадоци, а родителите, наместо да исчистат и соберат по прославата, ѓубрето го оставаат расфрлано насекаде на зеленилото.

За посетителите што рекреативно го посетуваат парковите, ова е крајно безобразно и себично.
– Ова е катастрофа. Веќе не знам ни што да кажам, оваа тема е толку досадна за зборување, се чини дека во градов само за тоа зборуваме. Ѓубре, ѓубре и ѓубре. Каде и да се сврти човек има некоја мини-депонија, нормално, направена од несовесни луѓе. Еве, неодамна во паркот лоциран на последна „петка“ во Ново Лисиче, од километри можеше да се заклучи дека се славел нечиј роденден. Роденденско ѓубре имаше насекаде. Украси, чинии, пластични шишиња, ќесиња од чипсови, летниковецот размачкан со торта… Каде се тие родители да средат? На што личи ова – револтирано прашува жителката Гордана Куновска.

Дека ова не е ниту прв ниту последен случај коментираат и други скопјани што редовно ги посетуваат парковите. Тие велат дека сликата е ваква насекаде каде што има летниковци.
– Ништо подобро не е ниту во Градскиот парк. Тука уште од пролетта почнаа да се прославуваат детски родендени, но, за жал, и овде проблемот е ист. Ѓубрето некогаш е собрано, некогаш оставено. А кога е собрано, бидејќи најчесто кантата што е во непосредна близина е преполна со ѓубре, родителите го остават ѓубрето околу неа, небаре тоа е некое непишано правило. Не знам зошто им е тешко да го земат со себе и да го фрлат во првата слободна канта или контејнер – вели Емилија Стојановска.
Ништо подобро не е ниту во парк-шумата Гази Баба. Тука состојбата е на уште пониско ниво, бидејќи тука се наоѓаат и стаклени шишиња од алкохолни пијалаци, најчесто лименки од пиво, догорчиња и што ли уште не.
– Тука, освен што се прославуваат детски родендени, забави си прават и возрасните, па летниковците не се безбедни места за децата да можат да седнат или да играат. И не е само тоа, тука има и презервативи, се наоѓа и понекој шприц, навистина е грозно понекогаш – вели Перо Грчевски, жител на Бутел, кој редовно викендите ги поминува во природа во Гази Баба.

ДИВИ ДЕПОНИИ НИКОГАШ НЕМАЛО ПОВЕЌЕ

Ако гледаме генерално, депонии никогаш немало повеќе. Според дневните билтени што ги испраќаат од јавното комунално претпријатие, Скопје никогаш не било повалкано.

Ете, почна и сезоната на реновирања, па речиси насекаде можат да се видат и фрлени душеци, плакари, ќебиња… Поплаки доаѓаат од Автокоманда, каде што, според сведочењето, оваа слика е секојдневна, а жителите, немоќни, само објавуваат фотографии со надеж дека ќе ја разбудат свеста кај соседите.

Комуналците, кои постојано апелираат да не се создаваат диви депонии, само во текот на изминатиот викенд расчистија десетина диви депонии во општините Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Гази Баба.
– Отстранетите диви депонии беа лоцирани на улиците Ферид Мурат, во близината на пензионерскиот дом, и Самоилова, до скопското муфтиство, на булеварите Александар Македонски, кај населеното место Гази Баба, и Никола Карев (пластичарска улица) во општината Чаир, Македонско-косовска бригада во општината Шуто Оризари, како и улицата Бутелска, во близината на пазарот во општината Бутел и на последната автобуска постојка на автобусот 45 во општината Гази Баба – информираат од „Комунална хигиена“.

Оттаму додаваат дека собрале приближно 130 кубни метри отпад оставен на јавни и сообраќајни површини.
Очигледно тешко се одвикнуваме од старите лоши навики, а ниту новите не ни се ништо подобри.

[email protected]