фото: Фејсбук

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ упатува остри реакции поврзани со градежните активности на просторот на фабриката Треска“.

– Добивме одредени неофицијални информации дека во следните месеци ќе се случи решавање и спроведување на спорниот план за Буњаковец кој го опфаќа и подрачјето на фабриката Треска на начин што ќе ги обезбеди интересите на поединци и инвеститори, но нема да се заштити јавниот интерес. Во обид да превенираме и со време да ја информираме јавноста сакаме да ги посочиме следниве точки и да поставиме неколку прашања за кои до денеска немам добиено официјален одговор:

• Резултатите од идејните решенија од конкурсот за фанриката Треска сѐ уште не се јавно обелоденети. Иако Општината вети дека ќе имаме изложба чекаме повеќе од 6 месеци за да ги видиме понудените и наградени решенија. Градоначалникот одбива соработка и со Партиципативното тело за урбанизам кое го бара објавувањето и ветената изложба.

• Шанса за Центар повеќе месеци бара податоци за состојбата и третманот на државното земјиште на овој потег. Дали е продадено или не? Дали се дооформуваат парцели или не по стариот план, непочитувајќи ги конкурсните решенија. Да потсетиме – повеќе од 47 отсто од земјиштето е државно и не смее да се случи тајна продажба и дооформување на парцели по закони кои не го штитат јавниот интерес ниту граѓаните. Промените на законот за урбанистичко планирање не влијаеа на промена на планирањето во интерес на заедницата, ниту успеаа да ги разбудат институциите за запирање на штетните планови од 2012.

• Јавно прашуваме зошто после 5 години законите и уредбите за дооформување парцели во сооднос имаш 30% си докупуваш 70% сѐ уште не се променети, или се распродава имот во Центар во четири очи за багателни цени. Зошто системот за продажба на државно земјиште нема никаква транспарентност за јавноста? Зошто легализацијата се дозволува и се спроведува полесно отколку справувањето со дивоградбите, а за тоа никој не одговара? Ги повикуваме сите институции, невладини органзиации и оние кои треба да го заштитат јавниот интерес и интересот на државата да го следат случајот околу ф-ка Треска за да не ни се повтори ситуација како кај Холидеј ин, Нова Македонија и други места низ центарот на градот. Бараме општината да одговори на следните 3 прашања: 1.Дали и колку државно земјиштее продадено или е во фаза на продажба на овој потег во последната година; 2. Кога најпосле ќе ги видиме решенијата од конкурсот за Треска; 3. Дали градоначалникот свесно ги занемарува и работи спротивно од одлуката на претходниот Совет и во договор со малкумина е спремен да направи штета за многумина – стои во сооптението на „Шанса за Центар“.