Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција рече дека се појавиле пукнатини на стаклото по кое се поминува на мостот „Око“ во центарот на Скопје.
– Мостот е стабилен, но стаклата се напукнати. По констатирањето, го известивме Град Скопје, а претставници од таму тврдат дека стаклата се безбедни. Ни рекоа дека работат на нивна замена. Не е лошо граѓаните да не газат по пукнатините иако од Градот укажуваат дека нема да се скршат – рече Ангелов.
Додаде дека најверојатно станува збор за вандализам.
Мостот „Око“ е изграден со финансирање од Општина Центар во времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, но надлежноста за одржување на мостовите во Скопје е на Град Скопје.